Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) упати отворено писмо до пратениците во Собранието со барање за итно зголемување на минималната плата на 500 евра.
Во писмото се потсетува дека уште во март 2025 година до Собранието е доставен предлог за зголемување, кој досега не е прифатен, иако истиот е поддржан од две пратенички групи.
ССМ нагласува дека животниот стандард на работниците значително опаднал, а трошоците за живот растат.
Во писмото се наведуваат бројни аргументи за вонредно зголемување на минималната плата, како зголемувањето на синдикалната потрошувачка кошница, фактот што повеќе од половина од граѓаните не можат да си дозволат одмор, како и споредбите со минималните плати во земјите од регионот и ЕУ.
Македонија, според ССМ, се наоѓа на дното и по висината на минималната плата и по куповната моќ, што, според нив, укажува на итна потреба од интервенција.
ССМ бара од пратениците да покажат одговорност и да го поддржат барањето на работниците, со цел уште од август 2025 година да се обезбеди зголемена минимална плата.
Притоа се најавуваат и можни синдикални активности и притисоци доколку пратениците не постапат во интерес на граѓаните. Од синдикатот побараа и итна средба со пратеничките групи.




