Три големи и една средна банка веќе намалија дел од провизиите, по иницијативата на Народната банка, се пофали гувернерот Трајко Славески. Има навестувања за намалување на надоместоците и од други банки.
До поевтинувањето доаѓа откако Народната банка ги намали надоместоците што ѝ ги плаќаат комерцијалните банки.
Пред месец и половина Славески побара од банките да ги намалат провизиите за одржување платежна сметка, електронско и мобилно банкарство, меѓубанкарски плаќања во денари, подигнување пари од туѓ банкомат и други услуги и се закани дека ако не ги намалат, Народната банка ќе ги регулира.
Тој исто така најави законски измени со кои ќе се отстранат ограничувањата за поголемо користење на платежната сметка со основни функции.
Славески вели дека банките солидно заработуваат од камати и кредити и затоа провизиите за платежните услуги треба да бидат подостапни.
Последните податоци за добивките што банките ги објавуваат на „Македонската берза“ покажуваат дека дел од нив во првите шест месеци од годинава оствариле помали добивки од претходната година.
Трендот е од почетокот на годината, кога според последниот извештај на НБРМ објавен минатиот месец се гледа дека во првото тромесечје добивката на банкарскиот сектор е за 2,6 отсто помала во споредба со истиот период од лани.
Додека пак, добивката на банките во првите три месеци од 2024 година била за 14,9 отсто поголема во однос на истиот период од претходната година.
