Дали и колку шумски пожари кои изминативе триесет дена ја пустошат државата се подметнати и зошто се двете прашања на кои јавноста бара одговор. Надлежните од ден во ден се појасно и погласно ги изразуваат сомнежите за човечки фактор а граѓаните бараат жестоки казни за оние кои се фатени и кои ќе бидат фатени.
Граѓаните се децидни Владата да донесе одредба или законски измени со кои ќе се забрани сечењето на дрвата зафатени со шумски пожар и забрана за нивно користење во комерцијални цели.
Шпанија е првата држава каде што пред петнаесетина години беше донесена забрана за комерцијална употреба на дрва опожарени во шумски пожар и бројката на пожари се намали за над 80 отсто.
Со оглед на фактот дека Македонски шуми немаат капацитет да го расчисти опожарениот терен во некои случаи тоа го прават приватни компании а наместо надомест ги подигаат исечените дрва кои потоа се продаваат како дрва за огрев по пониска цена поради намалената калоричност или пак се преработуваат во пелети за греење.
Бројот на шумски пожари и локациите кои само за неупатени се географски случајни покажуваат дека масовно и намерно се уништува природата. Во моментов гори во два од четирите национални паркови и во една од двете заштитени подрачја и тука случајноста е исклучена.
Битката со пожарите ќе биде долга и исцрпувачка.
Директорт на ЦУК, Стојанче Ангелов, вчера побара законски измени и построги затворски казни за пироманите кои подметнуваат пожари.
Полицијата досега откри дванаесет лица против кои се поднесени кривични пријави за предизвикување на општа опасност или предизвикување шумски пожар. Пред десетина дена МВР ги подигна дроновите за да може полесно да ги улови подметнувачите на шумските пожари. Дроновите летаат 24 часа во денот во повеќе подрачја од државата и се опремени со термални камери за да бидат оперативни и во ноќни услови.
Огнен Чанчаревиќ