Сопственикот на „Беса транс“, Беким Хаџиу доби година и осум месеци затвор, а неговата фирма е парично казнета со 800.000 денари и четири години забрана да добие лиценца за патен превоз. Судот ги прогласи за виновни за фалсификување на исправа за автобусот, со кој во ноември во 2021 година во трагична несреќа во Бугарија загинаа 45 лица. Според пресудата, Хаџиу им го давал лажниот извод од лиценца на возачите и така од јануари до ноември 2021 година, автобусот на „Беса транс“ ја минал границата 20 пати.
Адвокатот на Хаџиу ќе се жали пред Апелација. Иако за делото е предвидена казна затвор до пет години, адвокатот смета дека казната е превисока. Според одбраната, ова кривично дело „фалсификување исправа“, не може да опстои.
„Во мојот завршен збор тоа го анализирав и од теоретска и од компаративна судска пракса, каде што основниот елемент за ова кривично дело е постоење на изработена лажна исправа и употребена како вистинска. Во конкретнава ситуација ниту е изработена, ниту е употребена, а ниту постои. Така што, јас сум убеден, како правник и како адвокат на Хаџиу, дека оваа пресуда не може да опстане онака како што е изречена во конкретнава ситуација“, изјави Асмир Алиспахиќ, адвокат на Хаџиу.
Обвинителот е задоволен што пресудата во целост го потврдува обвинението. Тој објаснува дека и според првостепената пресуда, извод од лиценца за конкретниот автобус, Министерстовто за транспорт не издало.
Тоа значи дека автобусот, како што и е напишано во обвинението, како и што судот при објавување на пресудата го кажа, покажувал пред надлежните државни органи извод од лиценца, а таков за тој автобус воопшто не бил издаден од надлежниот орган изјави обвинителот Владимир Милошески
Овој предмет не се однесува на причините за автобуската несреќа во Бугарија. Истрагата за оваа несрека се водеше во Бугарија и одговорноста беше посочена кон возачот, кој е меѓу загинатите. Бугарските истражители утврдиле дека возачот изгубил контрола врз автобусот.
Проблемот со лиценца беше откриен по несреќата, откако надлежните ја потврдуваа фирмата по што беше поднесено обвинене во септември во 2022 година.
Другиот предмет кој се поврзува со оваа фирма е за станицата „Виа комерц“, каде автобусот на „Беса транс“ го имал последниот преглед. Предистрагата се однесуваше на ексминистерот за внатрешни Спасовски, кој го потпишал решението за привремена забрана за работа на оваа станица за технички преглед, три дена по несреќата, иако уште на крајот на август, надлежните служби дале таков предлог. По две години предистрага, минатиот петок обвинителството за организиран кримнал соопшти дека не пронашле елементи на кривично дело.
Елена Ивановска Мукоска