Вести Македонија Најважни

Дијаспората во Германија се заканува со тужби, во државата снемува обрасци за пасоши

Македонско здружение во Германија, најавува тужба против македонската држава доколку до 23 февруари не ја преиначи одлуката за важноста за пасошите со старото уставно име и не се обезбеди брзо издавање на нови пасоши. „Централен совет на Македонците во Германија“ со седиште во Берлин, е на став дека со прогласување на важечки пасоши за неважечки без притоа доволен капацитет за издавање нови пасоши, создало огромни проблеми со кои се прекршуваат основните човекови права на македонските граѓани.

„Затоа бараме македонската влада да ја повлече својата одлука за поништување на важечките пасоши најдоцна до 23 февруари 2024 година и да преземе итни мерки за да обезбеди брзо и ефикасно издавање на важечки пасоши. Ова е единствениот начин веднаш да ги вратиме основните права на нашите граѓани. Доколку во овој рок правата на граѓаните не се вратат веднаш и не се повлече одлуката за поништување на важечките пасоши, го задржуваме правото да преземеме правни дејствија за спроведување на правата на нашите граѓани на суд“, стои во барањето на Централен совет на Македонците во Германија со седиште во Берлин.

Освен до македонските власти здружението на Македонците во Германија писмото го адресирало до германскиот канцелар, Олаф Шолц, како и до претседателката на Европската комисија, Урсула фон Дер Лајен со очекување и тие да преземат итни чекори за заштита на човековите права.

„На овие луѓе со еден удар им беше одземена слободата на патување и движење, што зафати голем број судбини не само во Македонија, туку и во Германија и во светот. Многу од нив веќе не можат да работат надгранично, да патуваат во други земји на деловен план или да се вратат во Германија од Македонија“,  се наведува соопштението на Централен совет на Македонците во Германија со седиште во Берлин.

Инаку Телма уште во понеделникот упати прашања до Европската комисија дали ЕУ има усогласен став и флексибилност кон користењето на пасошите со старото уставно од македонски граѓани кои по 12 февруари се затекнале надвор од границите на Македонија и треба да се вратат во земјава, а немаат друг патен документ, но одговор се уште нема.

На сајтот пак на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт алгоритамот за проверка на тоа дали и какви документи се потребни и дали има рестрикции за патување на македонски граѓани од други дестинации кон земјава, барем по воздушен пат, покажува дека нема такви рестрикции и дополнителни барања, дури ни од Грција.

Во меѓувреме, по вчерашното издавање пасоши на шалтер во конзулатот во Минхен, министерот за надворешни работи на Македонија денеска лично седна зад новата мобилна станица за фотографирање за пасош во конзулатот во Бон, која лично ја однесе таму.

Во земјава пак се трошат последните резерви на обрасци за сликање за пасоши. За Телма од МВР потврдуваат дека викендов се во оптек минимални количини за да не запре процесот, а од понедленик одново ќе се прават напори, германската фирма која ги печати обрасците побрзо да испорача дел од обрасците од предводениот рок кој е  на крајот на месецот. Нарачаната количина инаку би требало да ги покрие месеците март и април за издавање на нови пасоши.

Од МВР најавуваат дека известувањето со текстуална порака на граѓаните, за подигање на готовите пасоши во полициската станица Пролет и МТВ, треба да профункционира од понеделник. Оние пак кои нема да добијат порака ќе можат исто од понеделник на интерт страницата на МВР со внесување на матичниот број да проверат дали нивниот документ е готов.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Продолжуваат пропалестинските студентски протести ширум светот

Дејан Дејан

По Велес, претреси и во Охрид – членови на избирачки одбор фотографирале избирачки список и гласачки ливчиња

Дејан Дејан

Маќедонци: Руски хакери ги нападнаа веб-страниците на косовските институции

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе