Вести Економија

Субвенции од 20.000 денари за вградени ПВЦ прозорци, 15.000 денари за топлински пумпи и 80.000 денари за поставување на фотонапонски централи во домаќинствата

Министерството за економија оваа година ќе го зголеми буџетот во делот на реализација на програмата за промоција на обновливи извори на енергија, како и поттикнување на енергетската ефикасност. Ќе се доделуваат субвенции од 20.000 денари за вградени ПВЦ прозорци, 15.000 денари за топлински пумпи и 80.000 денари за поставување на фотонапонски централи во домаќинствата, информираше на денешната прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.

Како што рече, станува збор за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2023 година, каде што се предвидени вкупно 25 милиони денари и ќе опфати над 1.200 домаќинства во државата.

Тој потенцираше дека со цел домаќинствата во нашата држава да ја подобрат енергетската ефикасност во своите домови, а со тоа да заштедат електрична енергија, Министерството за економија на лицата кои ќе купат или вградат ПВЦ прозорци во своите домови, ќе им обезбеди поврат на средствата во висина до 50 отсто, но не повеќе од 20 илјади денари по домаќинство за оваа година.

За надоместување на дел од трошоците за купување на сончеви термални колекторски системи во домаќинства за оваа година, вкупно се предвидени 15 милиони денари и ќе опфати над илјада домаќинства а кофинансирнање ќе биде до 30 отсто, не повеќе од 15 илјади денари.

Третата мерка е надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до 6 киловати согласно новата одлука која ја донесе Министерството за економија во делот на зголемување на капацитетот на инсталирана моќност во секое домаќинство.

Тука се предвидени 30 милиони денари и ќе опфати над 400 домаќинства, како мерка што првпат се спроведува во нашата држава. Повратот ќе биде до 30 отсто, но не повеќе од 80.000 денари. Дополнително на тоа, согласно новиот правилник и другите подзаконски акти, обврска е на универзалниот снабдувач, вишокот на електрична енергија да ја преземе и согласно утврдената цена на Регулаторната комисија за енергетика да им ја плати или да им ја надомести дополнително на секој од домаќинствата кои ќе одлучат да направат вакви инвестиции, рече Бектеши.

Тој додаде дека нема да изостане и поттикнувањето на диверзификација во делот на снабдување со енергенси. Затоа, за градовите Струмица и Куманово, каде што веќе има мрежа за природен гас, се предвидени субвенции за приклучок на мрежата во висина од 70 отсто од трошокот, но не повеќе од 25.000 денари.

Бектеши информираше дека Министерството за економија до крајот на мај за стопанството ќе ги кофинансира сите инвестиции во обновливи извори на енергија за сопствени потреби или за производниот процес и ќе покрива 20 проценти од трошокот. Целта на оваа мерка е да се намали потрошувачката на енергија од универзалниот снабдувач кој се снабдува од ЕСМ.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Две деца загинаа при израелски воздушен напад врз куќа во Рафа

Дејан Дејан

ЈО спроведе истрага против лице осомничено за трговија со дрога

Дејан Дејан

МВР подготвено за преземање на Палевски од Турција, нема информација кога ќе се реализира екстрадицијата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе