Вести Економија Најважни

Над 10 земјоделски производи ќе се најдат на листата со замрзнати цени

Алчноста на дел од трговците со земјоделски производи ќе ја зголеми листата на производи со замрзната цена. На над 10 видови овошје и зеленчук ќе им биде определана намалена и замрзната цена, или највисока продажна цена откако анализата на Министерството за економија утврдила дека дел од трговците со земјоделски производи тргувале со маржа од над 100, дури и 200 посто.

„Предлогот на Министерството за економија ќе биде замрзнување или определување на највисоки цени во делот на овошјето и зеленчукот и тоа секако дека е направено во согласност со Министерството за земјоделие. Ќе бидат опфатени над 10 производи на овошје и зеленчук и имајќи предвид податоците за месец март, каде што за жал е утврдено дека одредени трговци на овие видови производи имале големи маржи што надминувале и 100 посто, 200 посто“, информираше Бектеши.

Бектеши денеска не кажа кои земјоделските производи ќе бидат со замрзната цена, но според информациите на Телма, Министерството за економија предлогот за тоа кои производи и колку треба да се намалат ќе го достават во вторник до владата, по што конечната одлука ќе биде донесена на владина седница. Владата како што информираше Бектеши, наскоро ќе излезе и со анализа на просечните цени и на другите производи за месец март.

„Граѓаните, имајќи предви дека ги знаат кои се цените сами би можеле да ги направат споредбите и тоа што ќе го кажеме ние. Значи во делот на овошјето и зеленчукот е потврдено, но трговијата за овошје и зеленчук се врши на друг начин од другите производи, заради тоа што рокот е многу пократок и има кало и на таков начин маржата е секогаш поголема, но не може да биде 150 -200 посто како што набројав“, вели Бектеши.

Министерот за економија очекува на крај од април почеток на мај цената на овошјето и зеленчукот да се намали по природен пат со зголемувањето на домашното производство, но во меѓувреме, како што рече, за месецот на Рамазан и за претстојните Велигденски празници, за нивните цени ќе се погрижи владата.

Замрзнувањето на цените на дел од земјоделските производи ќе биде петто замрзнување, или ограничување на цени на производи во рок од еден месец. Трендот започна со белиот и полубелиот леб, кои беа замрзнати на 33 денари на почетокот од март, по што следеа слични мерки за млекото, млечните производи, тестенините, јајцата, оризот, за последното замрзнување на цените да стапи на сила од денеска за дел од хигиенските производи, како тоалетната хартија, влажните марамчиња, хигиенските влошки, пелените.

Владата одлуките за замрзнување и ограничување на цените на дел од производите го аргументираше како мерка за подобрување на стандардот на граѓаните, односно за нивно поевтино пазарење, на што експертите и синдикатите реагираа дека е задоцнето, најмалку една година.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

Полицијата ги проверува базните станици и телефоните на родителите на исчезнатото девојче во Србија

Дејан Дејан

Путин: Нема да го нападнеме НАТО, но ќе ги соборуваме ловците Ф-16 во Украина

Дејан Дејан

Војската на САД уништи дронови на Хутите од Јемен

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе