Вести Економија Топ вести

Бизнисот бара намалување на придонесите на плата, премиерот тврди оти се најниски во регионот

Бизнисот бара намалување на придонесите на плата, премиерот, пак, тврди тие се најниски во регионот. Пред извесно време од северозападната комората посочија дека придонесите кои се исплаќаат во земјава се многу високи и тука треба да се направат корекции за да можат по растот на минималецот, да ги зголемат и останатите плати. Ковачевски, пак, им одговори тие се најниски кај нас и не би било соодветно да се разговара за намалување на даноци и придонеси.

„Ние со бизнис заедницата разговараме секојдневно. Јас имав состанок со претседателот на Стопанска комора завчера, исто така, и со претставници на потсекторски групи. Кога се разговара за висината на придонесите, тогаш таа мора да се стави и во корелација со другите даноци во државата, меѓутоа и да се направи компаративна анализа со земји од соседството и со земји коишто се адекватни за компарација со нашата и можам да кажам дека даночното оптоварување кај нас и оптоварувањето на придонесите е најниско од сите држави од регионот“, изјави премиерот Димитар Ковачевски. 

Од Северозападната комора, пак, сметаат дека на тој начин ќе можат да се ослободат средства за да се зголемат платите за да се спречи и онака високиот одлив на работа сила. И за даночните експерти нема простор за намалување. Напротив сметаат дека и во пензискиот и во здравствениот фонд ќе бидат потребни нови финансии.

„Со оглед на повеќегодишното дефицитното финансирање на Фондот за пензиско осигурување, новото вонредно зголемување на бројот на пензионери во 2022 година со мерката за укинување на можноста за работење до 67 години, зголемувањето на пензиите, демографијата и одливот на млада работна сила и сл. дополнително ќе значи потреба од нови финансии за овој Фонд. Во спротивност, зголемените расходи за пензионерите повторно ќе треба да се алиментираат од Буџетот.Со оглед на состојбата во јавното здравство и постојаниот пораст на трошоците за негово финансирање, кадри, опрема, лекови, едукација, не е реално да се очекува намалување на придонесот“, вели даночниот експерт, Павле Гацов. 

Во регионот, само Косово има пониски стапка на придонеси од кај нас. Таму задолжително е само плаќањето на придонесот за пензиско и изнесува 10 проценти од бруто платата на работникот. Од пред нова година повеќе не е задолжително здравственото и во Црна Гора.

Според анализите, учеството на социјалните придонеси во буџетските приходи во 2022 година е најмално во Албанија, најголемо во Бих. Кај нас и во Србија во вкупните буџетски приходи, социјалните придонеси учествуваат со 32 отсто и се приближно на она ниво од ЕУ.

Ирена Чачкова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нови битки за Преспа: СИРИЗА со осуда за изјавите на Мицкоски, но и со нотирање одговорност за Мицотакис

Дејан Дејан

Дали ќе се раскинува договорот со “Бехтел&Енка” за над милијарда евра вредните коридори?

Дејан Дејан

Милијардата ќе биде европска, но не унгарска, објаснува Мицкоски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе