Вести Економија Македонија

Најлошото допрва доаѓа, можна е рецесија, треба одлучни потези против инфлацијата- ММФ прогнози за светската економија

Во Вашингтон по три години корона пауза ќе се собере во живо финансиската елита на светот. Добрата работа е во директните контакти на монетарните експерти и функционери на државите и на ММФ, но лошите вести се повеќе и доаѓаат на крајот.

Рекордна инфлација и стагнација на економскиот раст, состојбата со електричната енергија, нафтата и гасот, нарушениот пазар со храна, војната во Украина– се само парчиња од не толку розовиот мозаик во кој сивата боја дополнително ја затемни најновиот Извештај за глобалната финансиска стабилност на ММФ во кој главната оценка е: растот проценет во јули нема значително да се промени, но во наредната година се очекува нешто помал раст од предвидениот.

-Нашата последна прогноза покажува дека глобалниот раст е непроменет во 2022 година од 3,2 проценти и забавување на 2,7 проценти во 2023 година – 0,2 процентни поени пониски од јулските прогнози – со 25 проценти шанси да падне под 2 проценти. Повеќе од една третина од глобалната економија ќе се намали во 2023 година, додека трите најголеми економии – САД, Европската Унија и Кина – ќе продолжат да стагнираат. Накратко, најлошото допрва доаѓа, а за многу луѓе 2023 година ќе се чувствува како рецесија. Очекуваме глобалната инфлација да достигне врв на крајот на 2022 година, но да остане покачена подолго од очекуваното, намалувајќи се на 4,1 отсто до 2024 година“, соопшти главниот економист на ММФ, Пјер Оливие Гуриншас.

Фондот за инфлацијата препорачува реакција на централните банки. Тие треба „одлучно да дејствуваат за да се справат со инфлацијата“ откако речиси веќе нема држава во која процентот на инфлацијата не е двоцифрен што донесе рекорд во последните неколку децении (Македонија пак има сериозно повисока инфлација од 18,7 % на годишно ниво изерена за последниот месец од Статистика).

Американската ФЕД банка беше најагресивна, во неколку наврати ја зголемуваше каматната стапка за да го намали трошењето и така да ја смири инфлацијата преку помала побарувачка. Но, европските банки (како и НБМ) беа порезервирани, референтните каматни стапки почнаа да ги зголемуваат подоцна и многу „поситно“. Доларот одеднаш стана многу посакувано засолниште на инвеститорите, а парите почнаа да ги „препливуваат“ океаните кон САД и на тамошната валута да и донесат рекордно високо ниво во однос на останатите валути.

Сега ММФ и неговата прва дама, бугарката Кристалина Георгиева повикуваат на реакција на централните банки со новата монетарна поговорка-„ризикот да не се направи доволно е поголем отколку да се прави премногу“. Главен непријател е инфлацијата која треба да се спушта и која го забавува растот. Лекот за инфлацијата е во реакцијата на централните банки кои мора координирано да работат пред се со затегнување на каматите односно на трошењата, но ќе мора да се внимава за да не се случи лекот наместо болеста да го убие пациентот.

-Постојат ризици од недоволно и од прекумерно затегнување. Недоволното заострување дополнително ќе го зајакне процесот на инфлација, ќе го поткопа кредибилитетот на централните банки и ќе ги намали инфлаторните очекувања. Како што нè учи историјата повторно и повторно, ова само ќе ги зголеми евентуалните трошоци за ставање под контрола на инфлацијата. Прекумерното затегнување ризикува да ја турне глобалната економија во непотребно остра рецесија, објаснува Гуриншас, главниот економист на ММФ.

Намалениот и негативен раст има едно име, рецесија, намалено производство во однос на претходната година. Кризата ќе треба да се финансира, а како главен финансиер во такви глобални економски кризи е токму Меѓународниот монетарен фонд.

Македонија веќе доби аранжман од ММФ во висина од 530 милиони евра. Првите 110 треба да стигнат до крајот на месецот после завршување на сите процедури. Каматата е ниска, или како што ќе каже секој министер за финансии во Македонија,во овој случај и Фатмир Бесими, на најниско ниво досега. Парите сепак се за кризата, а за БДП-то и неговиот волумен допрва ќе се знае.

За Западен Балкан за оваа и следната година, како и на среден рок, проекциите се дека повеќето држави ќе се соочат со пад на Бруто домашниот производ, додека само неколку ќе имаат раст, но низок. Главната сметка ќе ја дадат последните месеци од годината во кои Македонија влегува со затворени капацитети- произведувачи на солиден речиси двоцифрен процент на БДП-то како што се Еуроникел (Фени) или рудникот Боров Дол.

Проблем се и цените на енергијата и на храната кои всушност најмногу ја креваат инфлацијата и влијаат на можната рецесија односно на раст помал од 2%.

 

-Повеќе шокови во цената на енергијата и храната може да предизвикаат инфлацијата да трае подолго. Глобалното заострување на условите за финансирање може да предизвика широко распространета должничка криза на пазарите во развој. Запирањето на испораките на гас од Русија може да го намали производството во Европа. Повторното појавување на ковид-19 или нови глобални здравствени стравови може дополнително да го пригушат растот, се црните нијанси во извештајот на ММФ.

Тие само придонесуваат проекциите за макроекономските показатели да се движат надолу и да ја зголемуваат можноста за рецесија чија веројатност сега може да се претстави и со голема дропка од 1/4.

-Рамнотежата на ризиците е силно навалена надолу, со околу 25 отсто шанси за глобалниот раст да падне под 2 отсто годишно – во 10-тиот перцентил на глобалниот раст од 1970 година, се вели во извештајот на ММФ објавен денеска.

За да се сфати колку е лошо треба да се знаат и дефиницијата и толкувањето на поимот перцентил. Тоа е статистичка мерка што покажува за колку проценти една вредност отстапува од групниот просек. Во конкретниот случај, предвидувањата на ММФ се дека економскиот раст би бил во групата на најслабиот перцентил односно во 10 % најлоши економски години во изминатите половина столетие. Или најпластично на 2023-тата и се предвидува дека ќе биде една од 5-те најлоши години во половина век по економскиот раст.

Дополнително отежнува и кинеската криза во градежниот сектор чии најголеми играчи се во стечај, пред банкрот или клинички мртви со недовршени или демолирани непродадени облакодери. Тука е војната во Украина која дополнително ја искомплицира светската политика, и нормално глобалната економија, па сосема на крај удира и врз заштитата на животната средина и планетарната клима.

-Влошувањето на кризата во кинескиот имотен сектор може да се прелее и во тамошниот банкарски сектор и силно да влијае на економскиот раст на земјата (Кина), со негативни прекугранични ефекти. И геополитичката фрагментација може да ги попречи трговијата и протокот на капитал, што дополнително ќе ја попречи соработката во политиката за климата, констатира Извештајот за глобална финансиска стабилност.

ММФ прогнозата за Македонија е дека инфлацијата на крајот на оваа година би била 10,6 %, а би се намалила на 4,5 % догодина. Дефицитот на тековната сметка, според ММФ ќе биде 6,7 % (2022-ра година), а наредната 2023-та буџетскиот дефицит би се спуштил на 4,6 проценти.

Против овие параметри Македонија се бори со нови кризни кредити кои според финансиските владини претставници ја заокружиле буџетската структура до крајот на годината. Донесени се нови мерки кои според граѓаните, стопанството и науката се недоволни особено за сиромашното и најзагрозено население и за малиот и микро бизнис.

Токму на овие категории граѓани посебен осврт дава ММФ и препорачува сериозно внимание „да се посвети на најзагрозените групи во општеството, особено во светло на се позначајното зголемување на трошоците за живот“.Предупредувањето на ММФ е дека прилагодувањата на значајните економски влијанија врз најсиромашните не можат да се случат за многу краток временски период, како што честопати налага ситуацијата. ММФ ги предупредува владите ширум светот дека мора да вложат дополнителни напори за да ги намалат или потиснат понатамошните ефекти од климатските промени и од нив да ги заштитат најранливите општествени групи.

Зимата доаѓа, слоганот од фантастичниот еп „Игра на тронови“ служеше за забава на ТВ гледачите на оваа популарен серијал, но, сега звучи како пророштво испишано пред две децении од авторот на серијалот Џорџ Р.Р. Мартин. Пророштво кое се претвора во закана за која ММФ (најбогатите и најдобрите познавачи на монетарната политика и планирања) има сопствено сценарио за извлекување- брза и ефикасна реакција на централните банки со напад и загушување на инфлацијата и со грижа за најсиромашните.

За потсетување е дека „Играта на тронови“ траеше 8 сезони, зимата им стигна во претпоследната, а во победата над негативците послужија и три змаеви кои блуеја оган и го топеа непријателот. Нам зимата ни доаѓа во декември, променливата есен е веќе тука, а главниот и единствен змеј на ММФ е оптимизмот за „топење“ на инфлацијата.

-По природа јас сум оптимист. Но стоејќи тука пред вас не може да кажам дека ќе биде подобро. Не, ќе биде полошо. Што треба да се преземе? Креаторите на политики мора под број еден да ја намалат инфлацијата, изјави Кристалина Георгиева, првата дама на ММФ.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трамп и Пезешкијан електронски го потпишаа мировниот договор меѓу САД и Иран – објавени сите 14 точки

Дејан Дејан

Има функционери на кои фотелјата им стана поблиска од народот – рече Мицкоски на партискиот роденден и најави смени на министри и директори

Дејан Дејан

Савески: Јавната обвинителка во предметот за мазутот сметала дека единствен резултат од прибраните докази е Наредба за запирање на постапката

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе