Министерот за економија Крешник Бектеши е убеден дека ќе биде постигнат договор за достава на природен гас од Србија, по 3 до 4 пати пониски цени од берзанските.
Преговорите се при крај, ние доставивме понуда и експертите работат се со цел да се најде решение, ние да им излеземе во пресрет во делот со снабдување со електрична енергија. Секако тие да нѐ снабдуваат, по пристојни цени, со природен гас. Ги знаеме цените со кои Србија се снабдува со природен гас, и ако има договор, а јас сум убеден дека ќе има, цените ќе бидат многу пониски од берзата. Би требало да бидат 3, 4 пати пониски од берзата. Во замена за тоа ние ќе ја снабдуваме, по пристапни цени, со електрична енергија од нашите домашни капацитети, рече Бектеши во Топ Тема.
Бектеши ги отфрли тврдењата на експертите дека Србија не може да ѝ продава природен гас на Македонија, набавен од Гаспром, бидејќи рускиот гигант во своите купопродажни договори категорично забранува препродажба на гасот.
Наша обврска, како Македонија, е да го обезбедиме, и технички, и капацитетно барањето на Република Србија во делот на снабдување со електрична енергија. Обврска на нивната влада е да најде начин како да ја снабдува Македонија со природен гас. Не знам од каде ги имате овие информации за тоа како работи Гаспром или Руската Федерација, ние преговараме со Србија, тврди Бектеши.
