Група од 15 земји членки на ЕУ бараат воведување ограничување на големопродажната цена на природниот гас, зголемувајќи го притисокот врз Брисел за превземање на подрастични мерки за справување со енергетската криза која ја зафати Европа. Во писмото испратено до комесарот за енергетика Кадри Симон, земјите велат дека очекуваат конкретен одговор веќе на следниот состанот на министрите за енергетика на Унијата, кој ќе се одржи во петок.
Меѓу 15-те потписнички на писмото се некои од најголемите европски економии како Франција, Белгија, Шпанија, Португалија и Полска. Тие ги поздравија досегашните напори на комисијата за справување со кризата, но сметаат дека енергетскта криза со која се соочуваат предизвикува неодржливи инфлациски притисоци кои силно ги погодуваат домаќинствата и бизнисите.“
Ограничувањето на цените, кое го бараат сè поголем број земји членки е единствената мерка што ќе ѝ помогне на секоја земја да го ублажи инфлацискиот притисок, да управува со очекувањата и да обезбеди рамка во случај на потенцијални нарушувања на снабдувањето и да ги ограничи дополнителните профити во секторот. Плафонот треба да се примени на сите трансакции со природен гас на големо, а не да биде ограничен само на увоз од одредени јурисдикции, пишуваат министрите во писмото.
Минатиот месец Европската комисија предложи пакет вонредни мерки за намалување на растечките цени на гасот, во кој не се осмели ограничувањето на цените ниту да го најави како можност, иако некои земји од самиот почеток на кризата го бараат токму тоа. Сепак, како и во многу претходни случаи, оваа идеја ги подели земјите членки. Многу од земјите, меѓу кои Германија, Холандија и Данска, сметаат дека воведувањето на ограничување на големопродажните цени ќе ја загрози стабилноста на испораките поткопувајќи ја можноста на унијата да најде нови добавувачи пред почетокот на зимата, која според сите очекувања ќе биде една од најтешките по Втората светска војна.
Европската комисија минатиот месец предложи укинување на дел од даноците на профит за енергетските компании, и мерки за намалување на потрошувачката.
Сепак, 15 земји членки започнале преговори со цел нивните предлози да добијат зелено светло веќе на состанокот на министрите за енергетика овој петок.
Игор Трајков
