Вести Македонија Топ вести

Жители на Центар со петиција се борат против објект во изградба – тврдат дека фирма од Гостивар гради и покрај решение за прекин на градба

Просторот е претесен за сите објекти во градба и оние коишто допрва ќе се градат, коментираат центарци и реагираат за тоа што се случува во нивното соседство.

Оваа локација е во непосредна близина на Клинички.

Тамошните жители ангажирано потпишуваат петиција и се обидуваат да најдат институционален начин за да го запрат инвеститорот, кој на улицата „Владимир Назор“ гради објект неусогласен со параметрите на постоечкиот Детален урбанистички план. Ова го потврдуваат службите на Општина Центар кои во официјален одговор за Телма известуваат дека уште во мај годинава констатирале неправилности и донеле Решение за прекин на изградба.

Во меѓувреме, жителите и понатаму очајно се обидуваат да ги разбудат и сите други институции, а допис испратиле и до Владата.

„Ова нека биде апел до Обвинителството, нека покрене акт затоа што сметаме дека овие градби мора да престанат заради сечија безбедност. Самиот габарит излегува на улицата, ги поминува и тротоарите и тоа воопшто не е безбедно. Петицијата е потпишана од над 35 лица, кај соседите коишто беа на одмор постои расположение за и тие да се потпишат. Таа петиција ќе биде поднесувана буквално до сите надлежни“, вели Мирјана Јанчева – жител на Центар.

 

„Нека е и А2 и А5, не се разбирам во тоа. Важно, висината беше приземје, два спрата и поткровје – за сите!“, додава Слободан Димов – жител на Центар

Општинската власт ја примила петицијата од граѓани и постапува по неа, велат од о.Центар.

Оттаму информираат дека инвеститорот „ПРАГМАТИКА ДООЕЛ“ од Гостивар поседува правосилно одобрение за градење, за изградба на објект со намена А1 – Домување во станбени куќи, втора категорија.

Инспекцијата на Центар во вонреден инспекциски надзор на терен утврдила неправилности.

„Овластен градежен инспектор состави Записник на 6 мај годинава, при што за констатираните неправилности донесе Решение за прекин на изградба. Против донесеното решение за прекин на изградба, инвеститорот  „ПРАГМАТИКА ДООЕЛ“ Гостивар вложи жалба до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка“, пишува во дел од одговорот на Општина Центар за Телма.

Во меѓувреме, одговор од второстепена сè уште нема.

Од гостиварската „ПРАГМАТИКА ДООЕЛ“ за Телма потврдуваат дека Записникот го обжалиле до Комисијата во Министерството за транспорт и врски, а имаат порака и до жителите кои со петиција се борат против нивниот објект во изградба.

„Знаеме за петицијата и направен беше записник од Општина Центар. Наводите од Записникот се обжалени до второстепена комисија и се очекува одговор од нив. Нам не нѝ е позната стручноста на луѓето коишто се потпишале на петицијата, но можат да ги проверат новите објекти во околината, и да пронајдат разлика во катноста бидејќи таков ист објект има и неколку броеви подолу“, истакнуваат од „Прагматика Дооел“ – Гостивар.

Од фирмата сопственик и изведувач на објектот информираат дека планираат да побараат Измена во текот на изградба.

Членот 69 од Законот за градење им го овозможува тоа право.

Од Општина Центар велат дека секој инвеститор во тек на вршење на градежните активности има право да поведе постапка за добивање на решение за измени во тек на градба со поднесување на соодветна документација.

Поднесената документација и поднесениот проект треба да бидат во согласност со параметрите од Деталниот урбанистички план по кој е добиено одобрението за градење и соодветната документација доставена во постапката за добивање на одобрение, информираат од кабинетот на градоначалникот Герасимовски.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

ДКСК повторно одлучи дека академијата „Павел Шатев“ ги крши законите со тестирање на кандидати во изборен процес

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 19.04.2024

Дејан Дејан

Претседателски избори 2024 – Изборна хроника 19.04.2024.

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе