Драмтично зголемување на трошоците за живот и малопродажните цени за само еден месец измери Државна статистика. За 1,9 проценти се зголемени трошоците во јули во однос на јуни, а пак цените на мало за истиот периoд скокнале за 2,5 проценти. Порастот е неколкукратно поголем споредено со ланскиот јули, односно трошоците за живот минатиот месец се поголеми за 16 проценти од лани овој период, а малопродажните цени за 14 проценти спореденео со истиот период минатата година. Најголем пораст има кај основните прехрамбени артикли – лебот, млекото и млечните прозиводи.
Пораст на трошоците на животот во јули во однос на претходниот месец е забележан кај лебот и житата за 4,8 проценти, сирењето и урдата за 4,5 проценти, млекото за 3,6 проценти, овошјето за 2,9 проценти, виното за 2,5 проценти, месото за 1,8 проценти. Кај шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, жестоките пијалаци порастот е за 1,1 процен, соопштуваат од државниот завод за статистика.
Граѓаните секојдневно се соочуваат со нови поскапувања и повисоки цени во маркетите и колонијалите. Лебот достигнува рекордни цени, па ‘ржаниот се продава за 93 денари, интегралниот за 84, а белиот на парчиња за 54 денари. Ретко може да се најде леб под 50 денари, што за една година е 100 процентно поскапување. Со покачување на цената на електричната енергија и воведување на тарифните блокови граѓаните ќе треба да одвојат и поголема сума од семејниот буџет за сметките за струја. За парно греење скопјани ќе плаќаат 14,18 проценти повисоки сметки.
Пораст на трошоците за живот статистика измери и во авиотранспортот за 36 проценти, туристичките аранжмани за 11 проценти, електричната енергија за речиси 10 проценти, како и угостителските услуги за 3 проценти.
Пораст има кај фризерските услуги за 2,6 отсто, речиси исто толку и кај услугите за домаќинствата, како и 1,8 проценти кај цврстите горива. Од 0,3 до 1,5 проценти во јули во однос на јуни се зголемија и трошоците на мебелот, транспортот, покуќнината, облеката, за одржување и поправка во домовите, производите за домаќинство, електричните апарати…
Поскапувањата уриваат рекорди, а од Владата останаа само на највата за нов пакет антикризни мерки.
Емилија Мисирлиевска
