Од попладнево е затворен сообраќајот во два правца од Скопје кон Блаце и Косово. Причина за затворањето на патот е одрон.
На сајтот на АМСМ се уште стои информацијата за затворената магистрала.
–На патот кон ГП Блаце има одрон во близина на м.в. Вражји Вир. Сообраќајот е во прекин во двата правци. На граничниот премин не се пропуштаат возила бидејќи кај местото на одронот сеуште не е проодно, стои во последниот билтен на АМСМ, објавен во 19:21 денеска.
На социјалните мрежи е споделено и видео од одронот и локацијата каде паднале карпите.
Автомобилите од двете страни на патот застанале на време бидејќи го забележале одронот, а по паѓањето на карпите се гледаат застанатите автомобили.
Владата пак на денешната седница го усвоила предлог решението за финансирање на овој фреквентен патен правец кој со децении остана на две коловозни ленти со делници низ клисура. Од косовската страна, модерен пат веќе е пуштен во употреба.
