Почетокот на новата работна недела носи и нова рунда преговори. Просветните работници и властите повторно на иста маса, но со истите цврсти позиции. Работниците не попуштаат, Владата исто така. Надлежните сметаат дека барем во време на криза треба да се штедат државните пари, колку што е можно. Синдикатите мотивирани од порастот на минималната плата сега бараат побогат џеб на сите работници.
Досега ништо немаме добиено како понуда за да можеме да разговараме дали да прифатиме или не. Но, сакам да бидам оптимист и со оглед на самиот факт што се работи за Министерството за финансии, така што сметам дека имаат некаква бројка, процент или начин според којшто ќе се обидеме да го надминеме проблемот. Деновите многу брзо минуваат и се ближи 11 април и од таа причина мислам дека Владата ќе најде желба и средства за да ги задоволи нашите побарувања, изјави претседателот на СОНК Јаким Неделков.
Денешната средба во Финансии ќе биде уште еден обид и чекор повеќе за да се избегне бојкотот на 11 април. Наставниците нема да предаваат знаење, а негувателките во градинките нема да се грижат за најмалите. Или барем, такви се најавите. Неизвесно е дали двете страни во преговорите ќе успеат да се најдат на половина пат со некакво прифатливо решение. Во спротивно, директорите на градинките ќе мора да бараат замена, вели министерката за труд, без да прецизира како ќе се најде заменски кадар во ситуацијата кога и онака недостасува.
Се надевам дека ќе има договор до 11 април меѓутоа согласно Законот за детска заштита, градинките мора да ги згрижат дечињата коишто се дојдени овде. Директорите на детските градинки треба да се обратат до општините, сите оние коишто ќе штрајкуваат да бидат заменети со кадар. Градинката мора да работи, вели министерката Тренчевска.
Усогласување на платите согласно порастот на минималната плата е првото барање. СОНК смета дека платата на работникот треба да биде минималната плата помножена со соодветниот коефициент на работното место. Од Синдикатот велат дека само така ќе се избегне ситуацијата – десет работни места со различни бодови да земаат иста плата, како што е тоа случај во дејноста детска заштита, или и до пет различни работни позиции да бидат исто вреднувани, во основните и средните училишта.
Петар Догов
