За девет години државните електрани фрлиле во бунар над 42 милиони евра за енергетски проекти кои не се завршени и опрема која не е ставена во употреба.
Државниот завод за ревизија откри низа неправилности во работењето на ЕСМ.
Тендери тешки по десетици милиони евра во кои утврдиле слабости во почитувањето на законските процедури, земени кредити за пропаднати проекти за кои се плаќале провизии а се префрлаат пари за аванси и за консултанти, се купувала опрема која се уште не се употребува.
Ревизорите изразиле негативно мислење и за финансиското работење, и за усоласеноста со законските прописи. Како одговорно лице во извештајот е посочен актуелниот дирекот на ЕСМ Васко Ковачевски.
„Со извршената ревизија за 2020 година, изразизвме неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2020 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики“ – соопшти државниот завод за ревизија.
21 милион евра пресметале ревизорите дека се непродуктивните расходи за проектот за модернизација на Блок 1 во Рек Битола – проект кој од 2011 година до сега не е реализиран и за кој залудно се трошеле пари.
„„Најголем дел од расходите или 55% претставуваат адвокатски трошоци за застапување во арбитражна постапка и трошоци кои произлегуваат од изгубената постапка, за кои АД ЕСМ Скопје нема признаено резервирање. Дополнително, 39% од расходите се по основ на исплатен аванс и повлечени кредитни средства за осигурување на кредитот и 6% платената провизија за неповлечени, а одобрени средства од кредитна линија за финансирање на овој проект“ – тврдат од ДЗР.
Дополнителни 21,5 милиони евра пак се „инвестирани“ во проекти кои не се завршени и опрема која се уште не се употребува.
Меѓу проектите тука се Бошков Мост и Луково Поле кои се запрени, како и изградбата на новата згрда на ЕСМ, како и реконструкција и доградба на фасадата на старата зграда.
Тука се и расходите за консултантски услуги, мислења за физибилитистудии и други испитувања, кои не биле искористени за реализација на конкретни проекти, стои во Извештајот.
Ревизорите констатирале дека подолг временски период постои количинаска неусогласеност меѓу мазутот евидентиран во сметководствената евиденција и тој прикажан во пописните листи и таа разлика изнесува над 1 милион евра пресметано по по цената од последниот ден во 2020 година.
Сугерираат ЕСМ да ги обелодени идните планови за Попова Шапка и при носењето на одлуките да се земат предвид дадените заеми на ЕЛЕМ ТУРС и парите кои се инвестирани до сега.
Како и да ги преиспита одлуките донесени за финансирање на активности кои не се во дејноста на друштвото, како дадените заеми на субјекти од 2,2 милиони евра.
Укажуваат дека тоа влијае на работењето на друштвото, неговата ликвидност и профитабилност.
Ја потенцираат и потребата од обезбедување дозволи за термоелектраната РЕК Битола.
„Во периодот 2019 – август 2021 година измерените емисии од сулфур диоксид и прашина во континуитет се над дозволените гранични вредности, што влијае на квалитетот на животната средина, како и здравјето на граѓаните“ – стои во извештајот на ревизорите.
Александра Филиповска
