Владата ги ограничува оперативните трошоци за трговците за основните прехрамбени продукти. Така сега инспекторите ќе признаваат оперативни трошоци од максимум 20% од набавната цена за трговците на големо, и до 15% во трговијата на мало за производите кои се со замрзната маржа.
Одлуката до која дојде „Телма“ поминала на владина седница и треба да се објави во Службен весник, доаѓа откако пазарните инспектори се пожалиле дека на терен им се комплицира работата, бидејќи трговците различно ги прикажувале оперативните трошоци. Имало некои кои пресметувале и до 50 проценти оперативни трошоци и токму на производите кои се на листата на „заштитени“ со владините одлуки.
Но и покрај мерките со кои требаше да се заштити стандардот на граѓаните, односно некои производи да се продаваат по набавна цена, кај дел други да се ограничи профитната маржа за трговците на 3% за трговија на големо и до 4% за трговија на мало, како и укинувањето на ДДВ-то за некои од нив – сепак граѓаните реагираат дека цените и на овие производи секојдневно растат. Така табла јаца стигна до 250 денари, а маслото кое и го нема на рафтовите во некои маркети се продава и по над 130 денари. Покрај на овие пороизводи растат и другите цени на храната – се жалат граѓаните.
Со најновата владина одлука трговците нема да смеат да прикажат повисоки оперативни трошоци од 20 проценти за трговија на големо и 15 за трговија на мало за истите производи за кои имаше одлука да се замрзнат профитните маржи. Тоа се лебот, маслото, брашното тип 400, а сега влегува и брашното тип 500, шеќерот, млекото, месото и сувомеснатите производи, сирењето, оризот, јајцата и тестенините.
Александра Филиповска
