Незавршената Ковид пандемија и руско –украинскиот конфликт се причините оваа година да биде ризична и неизвесна за туристичкиот сектор. Договорените аранжмани на странски туристи кон Македонија од традиционалните дестинации веќе немаат гаранција, а обврските со договор се ништовни, алармираа од Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора, на денешниот брифинг.
Веќе се откажани неколку пазари. Тоа се Полска, Украина и пазарите од Централна Европа. Намалени се традиционалните пазари. Немаме гарантирани пазари како што беа тие од Холандија, Белгија и од други земји, соопштуваат од Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија.
Во пред-пандемиската 2019-та туристичкиот сектор во земјава остварил профит од 480 милиони евра. А, минатата година туризмот во земјава бележи пад за 60% во однос на 2019 година. Од ЗУТ презентираа статистики според кои бројот на домашни туристи лани во однос на 2019 е за 5 % помал, а бројот на ноќевања паднал за 3 %. Бројот на странски туристи во 2021 во однос на 2019 е намален за 62%, а бројот на ноќевања паднал за 58%. Издадените решенија за категоризација на угостителските објекти за ноќевање во 2020/21 е намален за 50%, а за исто толку се намалил и бројот на хотели кои ги исполнуваат законските услови за работа во однос на 2017/18 година. Истата година со А лиценца се осигурани 175 туристички агенции, а лани- 132. Од Здружението рекоа дека антиковид грантовите за туристичкиот сектор кои ги издвои владата дале малку резултати. Според нив, клучен проблем е што туризмот нема адекватен третман.
Третманот кон туризмот е како за прошетки , а не како кон сериозен економски сектор кој бара квалификации. Тој не е препознаен како дел од економскиот систем, соопштуваат од Здружението за угостителство и туризам.
Од Здружението потенцираа дека не бараат пари од државата, туку да им обезбеди услови за работа. Државната агенција за туризам и Советот да си ја вршат работата и да профункционира во пракса Комитетот за туризам. Мерките за помош на туризмот за оваа година веќе се задоцнети, а според ЗУТ загрижени се и за туристичката 2023-та.
Сотир Трајков
