Спорт Фудбал

Мундијалскиот сон започнува во Палермо: Македонија ја предизвикува големата Италија

По пласманот на Европското првенство, сега фудбалска Македонија сонува и Светско првенство. На патот до Катар имаме две големи препреки. Првата е европскиот шампион Италија, против кого мораме да направиме епска сензација за да минеме во финалниот бараж со Португалија или Турција.

Во спортот аутсајдерот некогаш може да го победи апсолутниот фаворит. Вечерва такво ќе биде соочувањето на Италија и Македонија на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо. Фудбалскиот џин против малиот тим од Балканот, кој ги живее најславните моменти од своето постоење. Историјата се испишува со секој нов одигран натпревар, па четата на селекторот Благоја Милевски ќе го бара токму тоа. Кога можевме против Германија во Дуизбург лани, можеме и сега во Палермо против Италија.

„Аѕурите“ се актуелни европски прваци, а со оглед на фактот дека го пропуштија минатото Светско првенство во Русија, сега целиот притисок е врз нив. Не смеат да дозволат уште еден фудбалски срам како во баражот против Шведска пред четири години. Можеби токму тоа е шансата на Македонија, да го искористи притисокот што јавноста во Италија го создава врз своите фудбалери, кои во квалификациите имаа проблеми и завршија втори во групата зад Швајцарија.

Составот на Манчини не е во идеална форма, со оглед на фактот дека Џанлуиџи Донарума имаше неколку киксови за ПСЖ изминатиот период, а повреден е првиот десен бек, Џовани ди Лоренцо од Наполи. Леонардо Бонучи нема да игра, бидејќи е надовр од составот, а неизвесен е и Џорџо Кјелини, кој се рехабилитара од повреда и не е 100 отсто подготвен. Средниот ред на Италија е еден од најсилните и најважните делови од играта. Марко Верати, Жоржињо и Николо Барела се моторот и мозокот на оваа репрезентација. Ќе го нема Федерико Киеза, кој е повреден, но тука е Доменико Берарди  по десната крилна позиција, а во првиот тим се очекува да бидат Лоренцо Инсиње по леата страна и Чиро Имобиле во шпицот на нападот.

Нашиот состав е добро познат, освен што ќе го нема суспендираниот Елиф Елмас, што секако е голем хендипек за нашиот тим. Столе Димитриевски ќе биде на голот, а пред него се капитенот Стефан Ристовски, Висар Муслиу, Дарко Велковски и Џани Алиоски. Аријан Адеми, Бобан Николов и Енис Барди се очекува да стартуваат во средниот ред, а нападот да го предводи Милан Ристовски во шпицот, со Александар Трајковски и Дарко Чурлинов по крилните позиции.

Ова ќе биде вкупно трета пресметка помеѓу Македонија и Италија во историјата. Игравме во квалификациската група за Светското првенство во Русија во 2018 година. Во Скопје загубивме со 2-3 во самиот финиш од средбата, но затоа го извлековме реми во Торино, каде Александар Трајковски го матираше Џиџи Буфон за 1-1.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Историја за македонскиот тенис: Лина Ѓорческа ќе игра на Вимблдон

Sportska Redakcija

Вардар ги чека ривалите во Лигата на шампиони: Гигантите демнат од првиот барабан

Sportska Redakcija

Пет натпревари суспензија за Мадибо по тешката повреда на Коне

Sportska Redakcija

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе