Претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Габриеле Гравина вели дека ќе го исклучи Јувентус од Серија А, доколку овој клуб продолжи со проектот „Суперлига“.
Ова натпреварување лани доживеа фијаско и се распадна по само 48 часа откако беше објавено, бидејќи се повлекоа девет од вкупно 12-те учесници. Дел од проектот останаа само основачите, Реал Мадрид, Барселона и Јувентус.
„Тој договор што го имаа потпишано клубовите е само хипотетички, но Јувентус ќе биде исклучен од Серија А ако истиот стане реалност. Суперлигата е погрешен одговор на вистинскиот проблем. Италија мора да размислува како да ја направи лигата поатрактивна и да ги привлече богатите пазари, како арапскиот, каде моментално сме малку застапени“, рече првиот човек на италијанскиот фудбал.
Јувентус, Реал и Барселона се очекува наскоро повторно да го заживеат овој проект со нови учесници и нов формат.
