Во Брисел денеска разговори за проширување на санкциите против Русија, меѓу кои и за забрана на увоз на руска нафта. Реакција утринава дојде од Кремљ, од каде велат дека ембарго на увозот на руска нафта директно ќе ги засегне сите.
Во меѓувреме, цените на нафтата повторно се зголемија во азиската трговија поради немање знаци за напредок во преговорите меѓу Русија и Украина, додека пазарите продолжуваат да стравуваат за недоволно снабдување, јавуваат странските медиуми.
Фјучерсите на двете референтни сорти на нафта утрово пораснаа за повеќе од 3 отсто. Северноморскиот брент беше 111,46 долари за барел, а американската лесна сурова нафта на 108,25 долари за барел. Цените на нафтата беа нестабилни во последните недели, достигнувајќи рекордни максимални вредности во март, и паднаа за повеќе од 20 отсто до нешто под 100 долари за барел минатата недела. На крајот на неделата повторно се зголемија и повторно го поминаа тој праг.
