Македонскиот репрезентативец во таеквондо Дејан Георгиевски на Олимписките игри во Токио го освои сребрениот медал откако во финалето во категоријата преку 80 килограми е порзен од Русинот, Владимир Ларин.
Со овој резултат, Георгиевски стана најуспешниот македонски спортист на Олимписките игри надминувајќи го постигнувањето на борачот Могамед Ибрагимов кој пред 21 година во Сиднеј стигна до бронзата.
И во финалето Георгиевски беше одличен, рамноправен во текот на целиот меч со најдобриот такеводист на светот во моментов, но за жал на крајот беше поразен со 15:9.
На патот до финалето Георгиевски успеа да ги елиминира Кубанецот, Рафел Алба Кастиљо, Сејду Гнабе од Брегот на Слоновата коска и во полуфиналето беше поуспешен од Дон Кјо Ин од Јужна Кореа.
Двајцата натпреварувачи кои Георгиевски ги совлада на патот до среброто, Кастиљо и Ин на крајот ги освоија бронзените трофеи.
