Македонија Топ вести

Пронаоѓачот Рашковски на одмор во Мексико

Добро е што Мексико не е во Африка. Тоа го спасува секретарот во кабинетот на премиерот, Драги Рашковски, од 14-дневен карантин предвиден при враќањето од овој континент. На Рашковски за сега не му се заканува ниту кривичен прогон ниту разрешување. Јавното обвинителство за организиран криминал соопшти дека ги следи случувањата поврзани со набавката на софтвер за сообраќајни прекршоци, но за да се припише евентуално кривично дело, треба да се почека реакција од МВР и од Финансиската полиција.

Јавно обвинителство за организиран криминал: Доколку МВР и Финансиската полиција не постапат согласно нивните надлежности, Обвинителството ќе постапи согласно Законот за кривична постапка, односно Јавниот обвинител сам ќе го преземе секое дејствие потребно за откривање кривично дело и за гонење на неговиот сторител.

Шефот на Рашковски, премиерот Заев, ги повика институциите да го испитаат случајот. Тој лично проверил и констатирал дека законот не е прекршен. „Располагаме со софтвер кој `и е отстапен на државата за 5 од предвидените 8 милиони денари“.

Но, опозициската ВМРО ДПМНЕ смета дека е срамно и неморално луѓе од власта да одат на луксузни одмори среде пандемија. Пресметале дека семејниот одмор на Рашковски во Мексико чини 20 илјади евра, а на Љупчо Николовски во Дубаи, околу 10 илјади евра.

Од прекуокеанското Мексико, Рашковски порача: „Нема место за сензација, на одмор сум до 31-ви март. Три години не сум бил на одмор, а на сопругата`и е роденден. Следам `се што се случува“.

А случувањата кои предизвикаа силен интерес датираат од пред осум месеци. Тогаш, како генерален секретар на Владата, Рашковски набавил софтвер за сообраќајни прекршоци во износ од 81 илјада евра. МВР објави дека ниту знаеле за тој софтвер ниту им треба. Се работи за „Систем и уреди за контрола на брзината во сообраќајот и за изрекување казни“, на кој, како пронаоѓач, во 2018-та е потпишан самиот Рашковски. Иако тој демантираше дека патентирал ваков софтвер, со објаснување дека имал само идеја, Националната асоцијација на пронаоѓачи порача дека „штом нивниот член и укажал чест на државата тука да го пласира својот патент, треба да го поддржиме, а не да го плукаме“. НАИМ потенцира и дека патентите не подлежат на тендери, а ваква безбедносна опрема може да се продаде само на надлежни институции.

Но, Антикорупциската комисија одлучи да постапи по допрен глас: ќе отвори предмет за да утврди зошто е купен софтвер што не е во функција.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

ДКСК повторно одлучи дека академијата „Павел Шатев“ ги крши законите со тестирање на кандидати во изборен процес

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 19.04.2024

Дејан Дејан

Претседателски избори 2024 – Изборна хроника 19.04.2024.

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе