ДИК има време да спроведе набавка на опрема за гласање со прст на локалните избори во октомври, партиите имаат политичка волја, Владата е подготвена да одвои средства, но нема правна основа. На средбата меѓу ДИК и министерот Оливер Спасовски е констатирано дека, пред да почнат конкретните подготовки, неопходно ќе биде да се измени Изборниот законик.
Постапката за набавка на хардвер, софтвер, терминали, обука и други неопходни подготовки за воведување на новиот начин на гласање – се уште не може да почне. МВР, кое единствено располага со базата на отисоци од прст, нема законско овластување да даде вакви податоци на ДИК, која потоа би ги внела во електронските изводи на Избирачкиот список. Неопходни се измени на Изборниот законик на барем два члена, со кои, на МВР ќе му биде наложено да ја сподели оваа база на податоци за користење и за обработка. Претпладнево, ова им го соопштил министерот Оливер Спасовски на членовите на ДИК.
Измените на законот треба да ги предложи Министерството за правда, а да ги прифати Собранието. Дури потоа, велат од ДИК, ќе може да почне тендерската процедура.
Од Владата апелираат ДИК што поскоро да почне со набавката на потребната опрема и уверуваат дека проверката на гласачите преку фингерпринт ќе внесе дополнителна доверба во изборниот процес.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ исто така инсистира да се почитува законот и гласањето со отисок од прст да се примени веќе на локалните избори на есен. Тоа треба да ги исфрли од употреба спрејот и уве ламбата, кои се користеа за да се утврди дека лицето гласало само еднаш. Проверката ќе се прави со посебни терминали, во кои ќе бидат внесени изводи од избирачките списоци, на кои, покрај името, адресата и фотографијата, ќе стои и отисок од показалец. Соседна Албанија ќе ја примени оваа процедура на изборите оваа пролет.
Соња Николовска
