Власта повикува на заедничко гласање за Попис во април 2021, а опозицијата најавува непризнавање на резултатите и поништување на законот.
Најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ бара да не се брза и прво да се постигне консензус. Побара повлекување на законот бидејќи предвидува попишување на државјани наместо на резидентно население, не ја содржи методологијата и компаративните бази на податоци и овозможува давање податоци само со усмено кажување на матичниот број. Во спротивно, ќе поведе постапка за поништување на законот и нема да ги признае резултатите.
СДСМ повика да не се дозволи сомнеж во добрите намери на овој попис што треба да се одржи 19 години по последниот. Бараат доверба во институциите што ќе го спроведуваат.
Врзаниот потпис на директорот на заводот за статистика и неговиот заменик влева доверба во резултатите, велат од ДУИ на забелешката на ВМРО ДПМНЕ дека тоа е правна небулоза.
На тридневната комисиска расправа, не беше прифатен ниту еден од поднесените 40-тина амандмани. Од власта објаснуваат дека Методологијата ќе биде објавена неколку недели по донесувањето на законот. Пописот се планира за април годинава, откако лани беше одложен заради предвремените избори, а 2011 беше откажан заради политички несогласувања.
Соња Николовска
