Позитивни тонови и пораки од Германија, дијаметрално спротивни од Софија, молк од Владата и МНР, специјалниот пратеник Бучковски се врати од Бугарија но детали со кого се сретнал и што е зборувано нема.
Македонија ги исполни условите и старт на пристапните преговори треба да има, соопшти денеска германската амбасадорка, Анке Холштајн. Таа додаде дека Геманија нема план Б и во рамките на тројното претседателство ќе продолжи со напорите да обезбеди старт на преговорите. Во меѓувреме Македонија и Бугарија мора да работат барем на оние точки каде што нема различни мислења или судир на интереси.
Од Софија продолжуваат острите тонови, овој пат од шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева. Македонија е во заблуда и не треба да се надева на промена на ставот на Бугарија по изборите бидејќи за ова прашање има единствен став како кај политичарите така и во општеството. Таа додаде дека е клучно да се намалат емоциите за да може размуно да се пристапи кон решавање на проблемите.
Од опозициската ВМРО – ДПМНЕ повторно обвинија дека се распродава македонскиот идентитет и дека премиерот Заев и неговите соработници лажеле обидувајќи се да ги сокријат информациите со кои партијата располагала. Тие побараа од Владата веднаш да го објави во јавноста документот со 12 точки за кој официјална Софија тврди дека го доставила.
Од МНР соопштија дека специјалниот пратеник Владо Бучковски се врати во Скопје. Детали за сребите нема. Нема информаци ни околу Акцискиот план доставен од Захариева и Анексот со 12 точки кој го најави Каракачанов.
Огнен Чанчаревиќ
