Вести Македонија Топ вести

И покрај судирот на интереси потврден од ДКСК, Куштрим Рамадани, стана генерален директор на МЕПСО

Владата и МЕПСО не го фермаат мислењето на Антикорупциска. Иако побарале став од антикорупционерите, а тие се децидни  дека ќе има судир на интереси ако Куштрим Рамадани, доскорешниот потпретседател на Регулаторната комисија за енергетика седне во првата фотелја на МЕПСО, сепак на 1 декември Надзорниот одбор на енергетската компанија го избрала Рамадани за Претседател на Управниот одбор и за генерален директор на МЕПСО.

Мислење од антикорупциска побарал лично Премиерот Заев на работна средба одржана на 23октомври, бидејќи интенциите на Владата биле тој да биде назначен.

Во писмото од антикорупциска до Владата децидно стои – има судир на интереси. Ако се назначи Рамадани за прв човек на МЕПСО ќе се прекршат Законот за спречување на судир на интереси и тој за енергетика. Рамадани не може да биде Генерален директор на МЕПСО, ни по две години откога ќе му заврши мандатот како член на Регулаторна.

Претседателот и членовите на РКЕ во рок од две години по престанувањето на вршењето на јавните овластувања и должности, не можат да бидат именувани како членови на орган на управување на вршителите на регулирани енергетски дејности како и на вршителите на енергетски дејности на кои што им е наметната обврска за обезбедување на универзална, односно јавна услуга со оглед на надзорната функција која ја има РКЕ врз овие тела“ – стои во мислењето на Антикорупциска испратено до Владата.

Антикорупционерите објаснуваат и дека според Законот за судир на интереси – Рамадани не смее да го застапува МЕПСО во управен спор против некоја одлука на Регулаторна.

Службеното лице во рок од две години по престанувањето на вршењето на јавните овластувања и должности,односно по престанувањето на вработувањето, не може да застапува правно или физико лице пред органот во кој вршел јавни овластувања во предмети за кои како службено лице учествувал во донесување на одлуки, за што се предвидени прекршочни санкции“- стои во мислењето на Антикорупциска испратено до Владата.

Во одговорот кој го добивме пак од МЕПСО на овие прашања, стои дека нема судир на интереси – без објаснувања како констатирале дека нема. Куштрим Рамадани пак во изјава  за Телма исто тврди дека нема никаков конфликт оти Надзорниот одбор консултирал правници кои дале мислење дека се е чисто. Тој не знае дали ќе постапи по мислењето на Антикориупциска, оти сега од нас слушнал дека имало такво мислење.

Прашавме и во Владата дали нешто ќе преземе – но не добивме одговор.

Инаку во периодот додека Рамадани бил член на РКЕ, од 2012 година до сега, на МЕПСО повеќе пати му е менувана лиценцата и е утвдувана цената за пренос на електрична енергија. Пред 1 година МЕПСО формираше фирма – ќерка, во целосна сопственост на МЕПСО, која пред една година доби лиценца. На седниците на Регулаторна, при носењето на одлуките, како потпретседател гласал и Рамадани.

Дека за Рамадани е резервирана првата фотелја на МЕПСО се знаеше уште пред неколку месеци. При коалициските комбинаторики за новата влада, на него падна предлогот на ДУИ за директор на МЕПСО. Рамадани е втор член од Регулаторна, за кој Антикорупциска утврдува дека има судир на интереси. Судир имаше и кај Атанаско Тунески, кој  иако е регулатор, поседуваше  и акции во енергетска компанија. Ваков случај имаше и во претходната власт со Дејан Бошковски кога од ЕЛЕМ го трансферираа во Регулаторна. Но, по смената на власт, него Собранието го разреши.

Александра Филиповска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тодоров: СДСМ покажаа епохална неспособност за нормално функционирање на државата

Дејан Дејан

ОДИХР со позитивна оценка за изборниот процес сепак имаат забелешки за негативната кампања

Дејан Дејан

ДИК: Нема да има прегласување на трите гласачки места во Куманово

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе