Конечно заврши и сагата околу иднината на Жељко Обрадовиќ на клупата на Фенербахче. Српскиот тренер не успеа да се договори со челниците на клубот и по седум години престој во Истанбул ја напушта екипата со која во 2017 триумфираше во Евролигата.
Обрадовиќ го напушта Фенербахче и според изјавата за српските медиуми шеесет годишниот тренер во следниве 12 месеци планира да се повлече од кошарката и да се одмори од триесет годишната напорна работа. Со оваа изјава тој ги демантираше шпекулациите дека би се вратил на клупата на Партизан доколку Андреа Тринкиери си замине од Белград.
Шпекулациите дека Обрадовиќ си заминува од Фенербахче се појавија уште пред неколку месеци, а во текот на минатата недела тој се врати во Истанбул на завршни преговори кога се најави дека можеби и ќе ја продолжи соработката, но сепак на крајот не ги прифати условите понудени од страна на претседателот Али Коч.