БЕГ да ги сторнира сметките за парно греење за скопјани за август и да изготви нови, порача првиот човек на РЕК, Марко Бислимовски.
Сметките за август требаше да бидат зголемени за 14 отсто, но тие се зголемени за 40-тина отсто, а Бислимоски вели дека тоа е поради тоа што во нив не е вкалкулирана субвенцијата од владата. Бислимоски вели дека во државниот буџет има обезбедено пари за субвенцијата и нема да има проблем да се изведе сторнирањето и изготвување на нови сметки.
„Во изминатите два дена добивме голем број поплаки од граѓани согласно кои сметките за топлинска енергија се зголемени за некаде 40-тина проценти. Единствена причина за зголемување на овие сметки е тоа што во овие сметки не е вкалкулирана субвенцијата која ја дава владата до потрошувачите на топлинска енергија во градот Скопје и од таа причина имаме значително зголемени сметки. Со цел да се избегне оваа ситуација, Регулаторната комисија за енергетика бара БЕГ да ги сторнира сите сметки кои се испратени до потрошувачите и да се изготват нови сметки во кои ќе биде вкалкулирана субвенцијата која ја добиваат граѓаните од страна на владата“, изјави Бислимоски.
Тој додаде дека владата веќе има донесено одлука за субвенцијата, но ако случајно е истечена, ќе биде донесена уште една таква одлука, бидејќи пари во буџетот има.
Одговарајќи на новинарско прашање, Бислимоски кажа дека тие што веќе ја платиле сметката, парите ќе им бидат вратени во наредните сметки, без разлика дали дејноста ќе врши БЕГ или друга компанија.
