Додека Европа и дел од државите во регионот стравуваат како ќе ги истуркаат следните месеци без да се случи колапс на економијата и стопанството поради недостаток на гас, Русија гори огромни количини на овој енергенс во неповрат.
Станува збор за постројката Портоваја, западно од Санкт Петербуг, која се наоѓа на самата граница со Финска и во непосредна близина на копресорската станица на гасоводот Северен тек 1.
Поради ограничената испорака на гас преку овој гасовод кој првенствено ја снабдува Германија, која официјална Моска ја правда со „технички проблеми“ а всушност е казна за воено-техничката помош за Украина, проценките се дека дневно се горат над 4 милиони кубни метри гас вредни околу 10 милиони долари.
Цената на илјада метри кубни природен гас вчера, на берзата во Холандија, клучната за овој енергенс, беше 3.200 американски долари.
Според пресметките производството на еден мегават час струја со користење на гас чини 312 евра.
Се очекува цената на гасот да продолжи да расте пред се поради се погласните најави дека Русија ќе го затвори гасоводот Северен Тек на почетокот на септември на неколку дена заради ремонт и поправки а на удар ќе биде Германија.
Рекордна цена на гасот на светските берзи имаше на почетокот на март, десетина дена по инвазијата на Русија врз Украина, кога илјада природни метри кубни чинеа речиси 3.900 долари.
Проценките се дека зимово цената на гасот ќе ја надмине границата од четири илјади долари.
Огнен Чанчаревиќ
