Старата фабрика Треска е темпирана еколошка бомба и веќе години наназад претставува огромен безбедносен ризик за нас жителите кои живееме во бараките на потегот „Рузвелтова“ и улицата „Владимир Полежановски“, тврдат жителите на опфатот „Треска“, претставници на работничките станови во близина на уништената фабрика.
Според нив, целиот простор со години е дувло за бездомници и наркомани, а нашите бараки се мета на разбојништва, кои и покрај интервенциите на полицијата, продолжуваат да се случуваат практично секој ден.
Во писмената реакција велат: Постојано живееме во страв, не само за нашата материјална безбедност, туку и за безбедноста за нашиот живот, бидејќи на овој простор често доаѓа и до пожари поради крадење и палење на електричните кабли.
Нивната реакција е потикната од состанокот на Партиципативното тело за Треска, кое се одржа вчера, 07.04.2022 во Општина Центар, на кое биле присутни и претставниците на работничките станови на овој опфат.
-Сакаме јавно да го изразиме нашиот револт во врска со долгогодишната опструкција на изградбата на комплексот. Претставниците на Партиципативното тело, упорно 4 години го опструираат развојот на овој предел и револтирани сме што постојано една иста група поединци нема слух за нашата страна и нехуманите услови во кои со децении живееме, тврдат жителите.
-Ги покануваме сите оние кои сакаат да ја спречат градбата на овој комплекс, како и медиумите, да дојдат и да се уверат во какви услови живееме и тоа во центарот на Скопје, особено сега во периодот на дождови кога целиот простор се поплавува, или во пресрет на летната сезона кога од маслата и машините се соочуваме со наезда од инсекти, црви од по 20 сантиметри и змии, велат во соопштението дополнето со фотографии.
Децидни се дека Треска е градот на духовите и претставува еколошка закана не само за жителите од оваа локација, туку и за целиот град Скопје.
-Јавно го прашуваме ова Партиципативно тело, како и организацијата „Шанса за Центар“, зошто противуставно се обидуваат со години да го загрозат нашето право на достоен живот, прво со незаконски мораториуми, а сега и со нелогични барања за реализација на некои конкурсни решенија кои воопшто не се во наш интерес?, велат во соопштението.
-Го охрабруваме градоначалникот Герасимовски конечно да го усвои планот на сопствениците на приватните парцели кај „Треска“, кој за разлика од моменталната ужасна состојба, предвидува комплекс со ниски згради и многу зеленило и како таков, нема никакви причини зошто да не се реализира, порачуваат тие.
Жителите на опфатот Треска од работничките бараки, повторно со опомена: Доколку дојде до било какви нови опструкции на предвидениот проект, остро ќе реагираме и ќе ги искористиме сите правни механизми за да го добиеме она што ни е загарантирано, а тоа е единствено правото на достоинствен живот.




