Македонската фудбалска репрезентација до 21 година денеска ремизираше без голови против Србија во рамки на 2.коло во квалификациите за ЕП 2023 година.
Надежите пропуштија три добри шанси во финишот да ги освојат бодовите, но затаи реализацијата.
Избраниците на селекторот Драган Канатларовски многу лесно можеа да бидат во негатива во 36-та минута, бидејќи гостите добија пенал откако Ѓурковски го фаулираше Милосављевиќ. Сепак, нашиот голман Денковски одлично го прочита ударот на Тедиќ од 11 метри, а потоа имаше и втора интервенција, бидејќи топката се одби до Молосављевиќ, кој исто така не го совлада македонскиот чувар на мрежата.
Србија можеби имаше повеќе од играта во текот на мечот, но Македонија може да жали, бидејќи не искористи три добри шанси. Прво Фазлагиќ изби сам пред голманот Гордиќ, но шутираше само во противникот. Во судиското продолжение имавме уште две шанси, а прво Трајкоски биеше високо над голот од убава позиција, а во 94.минута при корнерот на Антовски зицер имаше Ферати, но не ја зафати добро топката па Гордиќ одбрани.
Македонија и Србија по две одиграни кола имаат по еден бод и ниту еден постигнат гол. Во Следното коло нашата селекција гостува кај Фарски Острови на 7.октомври.