Кабинетот предводен од премиерот Мицкоски денеска беше на своите места во собраниските клупи за пратенички прашања и тоа би требало да биде негово последно соочување на сегашниот владин состав со оние што ги бираат бидејќи во тек се преговори за владината реконструкција.
И додека течат разговорите и преговорите за нов состав, учесниците тврдат дека конечен договор нема и очекувањата се до крај на викендот да се договори евентуална размена на ресори, а кадровските предлози да се прецизираат до средината на наредната недела. Но, затоа шпекулации има многу, иако нема официјални потврди. Правда како ресор раководен од ЗНАМ е на прво место по објавените информации дека е главна монета во меѓупартиските преговори.
Заминувањето на Игор Филков од ЗНАМ, од правда веќе се спомнува како завршена работа, но од ЗНАМ и по вчерашните консултации со врвот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека е далеку од таков договор. ЗНАМ пак за евентуална ресорска размена, правда би ја трампал за еден од останатите три клучни ресори МВР; одбрана или финансии, односно најпосакувано место што било и кажано на раазговорите била позицијата прв човек на полицијата.
Сепак досегашните шпекулации велат дека понудата е ЗНАМ од правда да се пресели во земјоделство каде ресорот би го напуштил Цветан Трипуновски. А за прв човек на правда, во досегашните разговори, аспирации имале и ВМРО-ДПМНЕ и Вреди.
Извори од ЗНАМ велат дека остануваат на ставот од пред формирањето на владата на Мицкоски пред две години, кога за поддршка на ВМРО-ДПМНЕ се одлучија како подрршка на црвените линии на македонскиот идентитет и остварување на своите програмски определби во владината програма.
За разговорите, велат дека траат и ништо не е одлучено, додека владини претставници од ВМРО-ДПМНЕ ни изјавија дека со реконструкцијата треба да се засили и обнови енергијата во клучните ресори иако не ги откриваат кои ќе бидат.
За промени, кадровски или со трампање се спомнуваат и Здравство, ЕУ интеграции, спорт, култура и туризам. За најголеми промени се типува во редот на вицепремиерите, од 5, еден, Арбен Фетаи си поднесе оставка иако неговата слика се уште стои на владиниот сајт. За двајца кои истовремено се и министри, Беким Сали и Иван Стоилковиќ се шпекулира дека ќе останат без министерските позиции за Европски прашања и за односи меѓу заедниците. Актуелниот за здравство Азир Алиу би требало да се смени со Сали во вицепремиерската фотеља. Се очекува и Шабан Салиу, министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите да биде реконструиран бидејќи истовремено покрај во фотељата седи и на обвинителна клупа за трагедијата во Пулс.
Освен Зоран Љутков, Цветан Трипуновски и Борко Ристовски, останатите претставници на ВМРО-ДПМНЕ засега не се спомнуваат во рокадите и како можни кандидати за замена, а Тошковски од МВР вчера ја преживеа и третата интерпелација за него во две години.
Миомир Серафиновиќ
