Вести Македонија Топ вести

„Пулс“ почнал со работа, иако во континуитет не исполнувал услови, кажа обвинителката на денешното рочиште кое на моменти беше тензично

Изведувањето на доказите од министерството за економија поврзани со кабарето „Пулс“ ја наелектризираа атмосферата во судницата во Идизово. Обвинителката Наташа Сарамандова кажа дека доказите се однесуваат на релевантни околности за тоа како започнала работата на објектот, иако во континуитет, формално и суштински, не биле исполнети минималните технички услови.

Додека на видеоѕидот се изведуваше првото барање за лиценца од октомври 2012 година, но и другите документи за кабарето, одбраната реагираше дека обвинителката селективно ги чита доказите, само тоа што е во корист на обвинението. Таа одговараше дека ги објаснува околностите во контекст на обвинението.

Атмосферата зовре кога еден од адвокатите рече дека начинот на којшто се изведуваат доказите придонесува човек да умре во оваа судница. Бурно реагираа родителите на жртвите, а судијката апелираше да се смират тензиите. Но, незадоволството кулминираше кога одбраната побара изземање на Сарамандова.

„Бараме нејзино изземање поради пристрасно постапување при презентација на доказите, со исклучување на моменти од нивната содржина кои се од суштинско значење“, рече адвокатот Еленко Миланов. 

За оваа барање треба да одлучи државниот обвинител поради што таа остана во судницата, но доказите продолжија да ги изведуваат другите обвинители, кусо со читање наслови. Роднините се надеваат дека тој нема да го прифати и револтирано го напуштија судењето. Сметаат дека одбраната со сите реакции сака да ја спречи да не дознае што се крие во доказите.

„Наташа Сарамандова е најдобра обвинителка, заедно со обвинителот Дарко и тие се нашата надеж дека вистината ќе биде откриена и дознаена и за нас и за целата јавност за да видат кој ги уби нашите деца. Ако ја изземат обвинителката Сарамандова, мислам дека не треба ни да има судење“, коментираше Јулија Златкова, мајка на Томас Златков.

„Впечаток е дека постои силна борба обвинителството целосно да не ѝ објасни на јавноста што значат документите и што треба да покажат за начинот на кој функционирал објектот пред трагедијата. Наместо повеќе одговори за тоа кој што знаел, кој контролирал и кој имал обврски да постапува, гледаме прекини, приговори и атмосфера што на моменти повеќе личи на натпревар, отколку на потрага кон вистината. Доказите да се изведат до крај и јавноста да ја слушне целата слика и одговорноста да не се изгуби мегу процедурите“, побара Александар Наунов, татко на Надица Наунова

Меѓу доказите кои денеска беа изведени беше и решението со кое „Пулс“ бил одбиен за лиценца во 2012 година, но и потоа одобрените барања за лиценца за кабаре.

На почетокот на денешното рочиште, судијката изрази сочувство до семејството на починатиот Љупчо Грнчиштанов и ја запира кривичната постапка за него.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во долниот дом на парламентот во Букурешт без дебата или гласање – помина законот за обединување на Романија и Молдавија

Дејан Дејан

Пратеничка кавга за платите во одбрана – две години не се зголемени, а и буџетот паѓа

Дејан Дејан

Црвени предупредувања за екстремна жештина ширум Западна Европа – метеоролозите велат ова ќе потрае

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе