Вести Свет

Владата во Прага го иззема претседателот Павел за самитот на НАТО во Анкара – конфликт меѓу државниот врв на Чешка

Чешкиот претседател Петр Павел нема да биде дел од националната делегација на самитот на НАТО наредниот месец, соопшти владата во Прага. Изземањето на Павел претставува нарушување на традицијата и предизвика правна битка со државниот врв.

Премиерот Андреј Бабиш, лидер на популистичката партија „Акција на незадоволните граѓани“ (АНО), кој ги загуби претседателските избори во 2023 година од Павел, изјави дека е должност на владата да ги брани своите позиции, вклучително и ниските трошоци за одбрана.

„Ова е многу специфичен самит“, изјави Бабиш на прес-конференција.

„Веројатно нема да биде многу пријатен за нашата земја, но ние носиме одговорност да ја браниме нашата позиција“, додаде тој.

Согласно чешкиот Устав, претседателите имаат ограничени овластувања, а надворешната политика ја определува владата. Но, откако земјата се приклучи на НАТО во 1999 година, претседателите речиси секогаш ги предводеа чешките делегации на самитите на Алијансата, понекогаш заедно со премиерите.

Петр Павел е кариерен воен функционер, генерал кој ја водел чешката армија, а исто така бил и претседател на Воениот комитет на НАТО од 2015 до 2018 година. Тој инсистира да учествува на самитот на 7 и 8 јули во турскиот главен град Анкара. Претседателот е страстен поддржувач на Украина во нејзината одбрана од Русија, додека владата на Бабиш ја намали поддршката на Чешка.

Се очекува утре Павел да го коментира прашањето за делегацијата, соопштија од неговиот кабинет. Неодамна тој изјави дека отфрлањето на неговото присуство на самитот ќе го смета за обид да се ограничат неговите овластувања за претставување на земјата во странство и дека ќе го однесе прашањето до Уставниот суд.

Павел е во конфликт со владата, главно со малата евроскептична Партија на автомобилистите, откако одби да назначи еден од нејзините претставници за министер за надворешни работи.

Чесите се меѓу последните во НАТО во однос на трошоците за одбрана, откако минатата година не успеаја да го достигнат минималниот праг од два отсто од бруто-домашниот производ (БДП). Новата влада на Бабиш го намали буџетот за одбрана во однос на првично предложените нивоа, што значи дека и оваа година нема да го постигне минималното ниво на НАТО. Премиерот изјави дека минималното ниво треба да се постигне од 2027 година.

Сојузниците од НАТО се договорија да ги зголемат годишните основни трошоци за одбрана до 3,5 отсто од БДП до 2035 година, плус дополнителни 1,5 отсто за други програми поврзани со одбраната.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Иранците тврдат: Нема нови обврски за нуклеарната програма по разговорите со САД

Sasko Dimovski

Со двата гола против Австрија, Меси ја одведе Аргентина во нокаут фазата и стана прв стрелец во историјата на СП

Sasko Dimovski

Петрушевски: Претходната влада го дуплира долгот што го направиле сите влади од осамостојувањето

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе