Минута молк на почетокот на денешниот прес на Коалицијата „Менуваме“. Причината е смрт за една недела на седум лица со попреченост, на возраст од 50 до 60 години, кои имале телесен инвалидитет, слепило и Mултиплa склероза. Починале поради кратењето часови за лични асистенти, рече координаторот на Коалицијата.
„Мислам дека е алармантна ситуацијата . Си го поставуваме прашањето кога излегуваат министрите, кога велат „Еве ние социјалата ја подобривме, се намалуваат корисниците“. Да, како, умирајќи? – Многу е болно и жално е“, изјави Суарет Алишан. координатор на Коалицијата „Менуваме“.
Коалицијата вчера поднела кривична пријава до ОЈО-ГОКК против министерот за социјална политика, Фатмир Лимани и бараат негова оставка. Во документот што го споделија со медиумите се сомневаат дека Лимани незаконски ги намалил часовите за лични асистенти.
На новоформирани провајдери им давал лиценци за нега и асистенција, без да ги исполнат условите, а на докажаните провајдери им биле наметнати ограничувања. Не ја спровел одлуката на Собранието донесена лани, да се зголемат надоместоците за детска и социјална заштита за возрасни и дека при исплатата на тие средства, лицата со попреченост и нивните семејства биле дискриминирани.
„Епа, не се исплатени на сите. Буквално, како лотарија е делена таа парична помош од која тие луѓе зависат“, додаде Алишан.
Од 12 мај, Министерството за социјална политика ја укинало и исплатата за нега на лица во социјален ризик, но негувателката Весна Пешевска продолжила да ја дава бесплатно, како граѓанка.
„До господинот Лимани ќе упатам еден апел, да не си поигрува со луѓето кои се стари и изнемоштени, кои што не се финансиски спремни да платат негувател и остануваат сами во агонија, во нивните домови“, вели Весна Пешевска, поранешна негувателка.
Од Коалицијата се незадоволни и поради одбиените жалби на лицата со попреченост од ресорното министерство кои што се однесуваат на скратените часови за асистенција. Најавија протест на 25 јуни пред министерството и побараа итна средба со премиерот.
Во врска со смртта на седум лица со попреченост поради скратена асистенција, од Министерството за социјална политика велат дека не располагаат со информации или докази кои би потврдиле причинско-последична врска меѓу смртните случаи и обемот на услугата лична асистенција. За кривичната пријава против министерот Лимани, одговараат дека до овој момент министерството нема добиено известување, ниту пак министерот има добиено покана од ОЈО-ГОКК.
За одбиените жалби на лицата со намален број часови за лична асистенција, одговараат дека во постапките биле преземени сите потребни мерки и активности за утврдување на состојбата и врз основа на целокупната документација и спроведената проценка, министерството донело одлуки, согласно законските надлежности и утврдената фактичка состојба во секој поединечен случај. А, за исплатата на правата од детска и социјална заштита од ресорот апелираат, доколку има поединечни случаи со застој или нејаснотија во исплатата, корисниците да се обратат во надлежниот центар за социјална работа.
Сотир Трајков
