Триесетгодишен државјанин на Србија е лишен од слобода откако бил фатен како вози со брзина од 188 километри на час на автопатот Куманово–Скопје.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека вчера, на 18 јуни околу 18:20 часот, на делницата кај клучката „Рафинерија“, полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата сопреле патничко возило „Порше“ со српски регистарски ознаки, управувано од Б.С. (30) од Република Србија.
„При контрола во патниот сообраќај извршена со радар било констатирано дека возачот се движел со брзина од 188 километри на час на делница каде што со сообраќаен знак максимално дозволената брзина е ограничена на 100 километри на час“, соопшти МВР.
Поради сторениот прекршок, возилото било одземено, а возачот бил лишен од слобода и задржан во полициска станица за понатамошна постапка. Од МВР потсетуваат дека неприлагодената и прекумерна брзина е меѓу најчестите причини за сообраќајни незгоди со тешки последици.
