Вести Македонија Најважни

Политички судир за техничката влада и тензии во Собранието: процедурата е во тек, амандманите на комисија

Процедурални забелешки, препукувања и довикувања, кавга и малку суштинска дебата во Собранието. Долг и тензичен ден, откако продолжи процедурата за измени во Законот за Влада. Укинувањето на техничката влада е пред пратениците, амандманите се пуштени во комисиски филтер, но дебатата најпрво изостана, на сметка на бројните паузи.

Лидерот на социјалдемократите, Филипче, денеска упати ултиматум до премиерот Мицкоски – власта да го повлече законското решение или СДСМ ќе повлече други политички потези. Според опозицијата, само техничката влада е механизам кој овозможува фер и демократски изборен процес. Пржинската влада е плод на меѓупартиски договор и консензус и само така може да замине во историјата, смета Филипче.

„Доколку денеска овој закон помине на комисија и власта продолжи да ја тера собраниската процедура, нашата пратеничка група се повлекува од Работната група за работа на Изборниот законик. Овој Закон за Влада и укинувањето на Пржинската влада, мора власта да го повлече. Вакви автократски манири не се дозволени и нема да прифатиме“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ и пратеник во Собранието. 

Од мнозинството возвраќаат дека опозициската СДСМ и актуелното раководство бараат алиби за идни изборни порази.

„Гледаме дека СДСМ намерно бојкотира и ми изгледа дека си прави алиби за следниот пораз. Знаат дека би доживеале пораз и на следните избори, без разлика кога и да се одржат. И сега треба да се создаде клима дека не е виновно раководството на СДСМ туку дека се виновни некои закони, некои технички услови, некои флоскули коишто ги слушаме во изминатите две години откако господинот Филипче е на чело на политичката партија СДСМ“, кажа Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. 

Опозицискиот Европски фронт од албанскиот блок поднесе бројни амандмани за Законот за Влада. На почетокот на Комисијата за политички систем тие имаа забелешки дека нема услови за одржување на седница на комисијата, а по продолжение на истата, ги образложија амандманите и изразија сомнеж за намерите на власта.

„Дали власта ги консултираше ЕУ и САД пред да ги донесе овие предлози?! Докажуваме дека нема никакви уставни, законски и деловнички основи за да се пристапи кон вакви некои измени“, рече Сали Мурати, пратеник од коалицијата Европски фронт

„Нашите стратешки партнери за едно вакво законско решение се консултирани. И ако не нѝ верувате на нас, повелете имате можност да пишувате писмо. Не треба многу 100-200, треба две до амбасадите овде и да видите дали тоа е така“, одговори Горан Минчев, министер за јавна администрација. 

По Комисијата за политички систем, измените на Законот за Влада треба да го поминат и филтерот на Законодавно-правната комисија во Собранието. Истата беше закажана за денеска по првата комисија, но на собраниската веб-страница веќе има најава дека таа сепак ќе се одржи утре.

Покрај измените за укинување на Пржинската влада, на комисија е ставен и Законот за пратениците, тие да не можат да имаат двојни државјанства. СДСМ бара таквата регулатива да се преслика и да важи и за министрите и другите именувани функционери.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Најавите за воведување електронско гласање за дијаспората за изборите во 2029 година за Филипче се потенцијален извор на изборни манипулации

Дејан Дејан

Најмалку 188 загинати и над 1500-тини повредени во двата разорни земјотреси во Венецуела – спасувачите трагаат по преживеани низ урнатините

Дејан Дејан

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ игра на картата на национализам и популизам само за да опстане на власт

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе