Иранскиот шеф на дипломатијата Абас Арагчи ги отфрли тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Техеран побарал прекин на огнот, порачувајќи дека неговата земја никогаш не изнела таков предлог. Иранската државна телевизија ИРИБ пренесе дека Арагчи го опишал го опишал наводниот план на Техеран од пет точки како „медиумска шпекулација“. Воедно истакна дека Иран не бара примирје, туку целосно решавање на војната под сопствени услови.
Според наводи на ИРИБ, Арагчи порачал дека војната ќе продолжи „додека агресорот не биде казнет и додека не биде исплатена целосна оштета на Иран“. Иран и претходно порача дека евентуален договор може да дојде дури по прекин на огнот, гаранции дека нема да се повтори и воена отштета.
Трамп денеска на социјалните мрежи објави дека „претседателот на новиот ирански режим“ побарал прекин на огнот и оти САД ќе гои разгледаат барањето откако Ормускиот теснец ќе биде „отворен, слободен и чист“.
„Претседателот на новиот ирански режим, кој е многу помалку радикален и многу поинтелигентен од неговите претходници“, од САД побара прекин на огнот. Ќе го разгледаме тоа, кога Ормускиот теснец ќе биде отворен, слободен и чист. До тогаш, Иран го рамниме со земја или, како што велат тие, го враќаме во камено доба“, напиша Трамп, без притоа да наведе дали мисли на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан или на Врховниот водач Моџтаба Хамнеи.
Пораката на Трамп доаѓа во време кога во последните денови повторува дека САД и Иран водат преговори за завршување на војната, а истовремено се заканува и со ескалација на американските воени операции.
