Скратени се часовите за лични асистенти на лицата со попреченост, велат од Коалицијата „ Менуваме“. Од таму прашуваат, чија одлука е да се кратат часовите и дали во Македонија функционираат двојни аршини, така што новоформираните провајдери во Западна Македонија на лицата со пореченост им нудат да прејдат кај нив, за да добиваат до 80 часа месечна асистенција, а во Скопје и во Источна Македонија асистенцијата е намалена, без промена на здравствената состојба на лицата со попреченост.
- Повеќето луѓе сме искористиле , сме добиле до сега 80 часа. Нема никој од нас промена на здравствената документација. Некултурно е некој да ми ги крати часовите, вели Суарет Алишан, координатор на Коалицијата „ Менуваме“.
Алишан се сомнева дека се украдени податоците на лицата со попреченост , особено на слепите лица, од страна на новите провајдери кои, како што рече, им се јавуваат анонимно.
- На нашето прашање поставено, од каде се тие ваши податоци, вели ние ги имаме од цела Македонија. Се прашуваме, од каде тие организации ги добиле тие податоци, прашува Алишан од „ Менуваме“.
За намалениот број часови за лична асистенти, реагираа родители на лица со попреченост.
- Синот мој има добиено 60 часа за асистент. За 60 часа по 30 дена, нека не бидат 30 дена, нека бидат 26 како што се работни, тука имаме по 2 часа. На лице со посебни потреби кое е во количка, не е исто како и за слепо лице или лице со аутизам. Тука треба да се посвети повеќе внимание, рече Зоран Велески, родител на лице со попреченост.
За случајот е информирана и Комисијата за антидискриминација.
- Комисијата денеска ќе донесе одлука за отворање постапка по службена должност и ќе испратиме барање за произнесување до релевантните посочени институции, да побараме одговори на тврдењата, кажа Душан Томшиќ, претседател на Комисијата за антидискриминација.
За проблемите, од „ Менуваме“ бараат средба со владата и ресорното министерство, а во спротивно излегуваат на протест.
Во врска со часовите за лични асистенти, од Министерството за социјална политика со одговор дека решението за користење на услугата лична асистенција го носи Центарот за социјална работа, врз основа на претходно преземи процесни дејствија од страна на стручните лица, согласно закон и подзаконски акт.
Поддршка на лицата со попреченост денеска дадоа негуватели од Црвениот крст, од каде рекоа дека тие не добиле плата последниве три месеци. А, доцнела исплатата и на личните асистенти на лицата со попреченост, од јануари наваму, кажаа од Коалицијата. Но, по пресот дополнително известија дека надоместоците за личните асистенти за јануари се исплатени денеска, а во среда ќе бидат исплатени за февруари.
Сотир Трајков
