Бројот на заболени со рак на бели дробови од година во година се зголемува. Во 2024 и 2025 година има по околу шест илјади нови случаи, покажуваат податоците на Управа за електронско здравство. До почетокот на оваа година, вкупниот број на заболени надминал 50 илјади. Според пулмологот Марија Здравеска, главни причини за појава на болеста се пушењето и аерозагадувањето. Таа посочува дека овој тип на карцином е најсмртоносен, бидејќи најчесто се открива доцна, кога болеста е веќе проширена и терапијата не делува.
„Доколку еден пациент има шанси за 5 годишно преживување од 60% доколку се открие во прв или втор стадиум. Таа веројатност паѓа под 10% ако се открие во понапредна фаза“, изјави Марија Здравеска, Клиника за пулмологија и алергологија.
Белодробниот карцином често се открива доцна бидејќи симптомите во почетокот не се изразени. Клучно е раното препознавање. Здравеска препорачува скрининг за лица над 55 години кои активно пушат цигари или пушеле во последните 15 години.
„Причините на белодробен карцином се многу неспецифични и поради тоа тој се открива во доцна фаза. Симптомите се хронична кашлица која не поминува со терапија од матичен доктор и трае со месеци. Крвав искашлок, градна болка, слабеење или недостаток на апетит, ова се првите симптоми на карцином на бели дробови. Ако некој ги забележи треба веднаш да се јави на матичен лекар“, додаде Здравеска.
Од Фондот за здравствено осигурување велат дека само во 2025 година се лекувале над 1.700 пациенти со оваа дијагноза. За нивното лекување биле реализирани илјадници прегледи и над илјада болнички третмани. Тие велат дека за лекување на канцер на бели дробови во моментов се достапни 23 лекови.
„Во 2025 година, за третман на овие пациенти биле користени 12 лекови од Позитивната листа. Покрај тоа, клиниката за радиотерапија и онкологија, во рамки на условниот буџет обезбеден од ФЗО, набавува и лекови што не се на Позитивната листа, а кои се неопходни за современ онколошки третман. Во конкретниот случај, во 2025 година биле користени уште 11 лекови од оваа категорија“, соопштија од Фонд за здравствено осигурување.
Лекарите предупредуваат дека и покрај достапната терапија најважно е навременото откривање на болеста, кое директно влијае на шансите за да се победи болеста. Додека лекарите бараат спас преку медицината и фармацијата за намалување на појавата на карцином, властите иако ветуваат малку реализираат од предвидените мерки против аерозагадувањето и борбата за почиста животна средина. Долгонајавуваната гасификација за намалување на штетните честички од индисутријата и домаќинството се уште не е спроведена во целост.
Тамара Марковска
