Мини систем за селекција на отпадот во селата за трајно решение на палењето на непрописните депонии. Ова го предлагаат граѓанските активисти како почетна точка за справување со отпадот. Стојан Велков -Трн, активист на „Здрава котлина“ и поранешен советник во Општина Босилово од движењето „Стига е“, вели дека лани во декември доставиле листа со можни решенија за жешките еколошки точки до сите струмички општини. Една од нив е пробно селектирање на отпадот во селата, како начин да се изгради посериозен систем во иднина. Тој предлага отпадот да се пресува и да се продава.
„На тој начин депонијата ако е тампонирана и преградена, ќе се пресмета колку површина и да има преси за секој вид отпад или дробилка за градежен шут, да се направи место за одлагање и така ќе бидат поатрактивни за оние што откупуваат отпад“, вели Стојан Велков – Трн, активист и актер.
Велков вели дека само ако почне да се гледа отпадот како можност, а не како товар, сите поангажирано ќе се однесуваат кон него – институциите затоа што ќе им носи пари, а граѓаните затоа што ќе живеат во почиста и поорганизирана средина.
„Загриженоста на граѓаните, на жителите на Општина Босилово е сосема оправдана, затоа што кога таа депонија гори, не е само обичен чад. Сите знаеме што има по депониите, целиот тој отпад што не е селектиран и што некако може да се пренасочи и да не биде финален топад, како општ отпад, целиот тој отпад гори“, додава Велков.
Депонијата кај Босилово гореше четири дена минатата седмица. Во гаснењето интервенираа пожарникари и вработените во комуналното претпријатие „Огражден“, но огнот упорно тлееше под отпадот. Општината тврди дека палењата се подметнати, за што на терен излегоа и инспектори и полиција.
Сузана Мицева
