Од почетокот на учебната година, лани во септември, лажните дојави за поставени бомби го нарушуваа наставниот процес во тетовските училишта, а најмногу вакви случаи имаше централниот објект на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“. Тука, речиси 15-тина пати, имаше дојави за бомби кои се покажаа дека биле лажни.
Иако беше воспоставена практика, согласно препораките на општинскиот сектор за образование, доколку се востанови дека е лажна дојава, учениците да се вратат на настава, од гимназијата велат дека било тешко наставниот процес нормално да продолжи.
„И во процесот на одвивање, секако, имаше потешкотии, бидејќи ние и ако им рековме на учениците дека ќе се направи тој протокол за евакуација, па после ќе се контролира, ќе се враќаат. Има ученици кои не се враќаа на настава со оправдани причини, бидејќи не беа сигурни, нити јас смеав да им кажам да влезат во училиште“, изјави Јетон Камбери, директор на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“.
Во текот на март полицијата информираше дека за тоа се приведени пет лица, од кои четири малолетници и еден 18-годишник, а еден од приведените бил ученик во гимназијата. Полицијата со апел до родителите да имаат поголема контрола врз своите деца за да се спречат ваквите појави.
„Родителите кои имаат малолетни деца кои се ученици во средните или основните училишта, да внимаваат на дигиталните уреди што ги поседуваат, да внимаваат на нивното однесување, затоа што со овој чин тие ја нарушуваат безбедноста, го нарушуваат мирот на учениците и граѓаните. Така што ќе нема попуст кон никого и ќе бидат преземени ригорозни мерки“, рече Фатмир Реџепи, портпатол на СВР Тетово.
СВР Тетово најави и педагошки и социјални мерки во соработка со образовните институции и Центрите за социјална работа.
Александар Самарџиев
