Министерството за транспорт очекува Европската комисија (ЕК) реално да го идентификува проблемот со транспортерите и наскоро да имплементира мерки за непречена работа на транспортерите кои работат во меѓународниот патен превоз. Ова го соопшти министерството за транспорт по онлајн состанокот со министрите од регионот и претставници на ЕК.
Како што пишува во соопштението, Европската комисија ја потврди новата визна стратегија на Европската унија и дека ја разгледуваат можноста професионалните возачи да се третираат исто како и пилотите и машиновозачите.
Во меѓувреме, се формира работна група на експертско ниво која следната недела треба да се состане и да ги материјализира заклучоците од денешниот состанок на високо ниво, соопшти министерството за транспорт. Состанокот се одржа по протестите на транспортерите во регионот од минатата недела, кога повеќето гранични премини беа блокирани за товарни возила. Блокадите беа тргнати по најавите од Брисел дека се бараат прагматични решенија за да се реши проблемот.
