Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денеска обвини дека претставник на Владата не се појавил на закажаното потпишување на спогодбата за утврдување на минималната плата, иако бил поканет во 9 часот во просториите на Синдикатот.
Со спогодбата се предвидувало минималната плата од февруари 2026 година да изнесува 600 евра нето, а останатите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари.
Според Трендафилов, со непојавувањето се потврдило дека зголемувањето на платите не е приоритет на Владата, и покрај јавните изјави изминатиот период. Тој посочи дека и покрај прифаќањето на предлогот за зголемување на платите во управата и правосудството по работничките протести, колективните договори сè уште не се потпишани.
Дополнително, Трендафилов предупреди дека евентуалното укинување на одредби од Општиот колективен договор за пресметка на плата би значело реално намалување од 21,8 проценти за околу 130.000 работници во јавниот сектор, што, според него, е недозволиво и на директна штета на работниците.
