Работници ги менуваа расипаните светилки, со цистерна се миеше делот покрај кејот на реката Вардар, а багер чистеше отпад од коритото на реката. Вака денес изгледаше плоштадот „Македонија“. Голем број граѓани кои беа тргнати во извршување на обврските, застанаа за да погледнат како се чисти. Очекуваат градот редовно да се чисти и понатаму.
„Вакво чистење не сум видел многу одамна. Цистерна на улица не паметам кога последно сум видел. Дури сега еве овде на плоштад видов цистерна. Голем дел од децата не ни знаат што е цистерна. Добро е сега, вака треба да продолжи“, вели скопјанец.
„Презадоволна сум. Така треба да продолжи чистењето. Има премногу разлика од она претходно и сега. Претходните четири до пет години не се чистеше“, коментира жителка на главниот град.
Направивме обиколка и низ повеќе скопски општини да ја провериме состојбата со сметот. Ги посетивме општините Карпош, Кисела Вода и Аеродром и состојбата секаде беше иста. Дел од контејнерите беа празни и чисти, но имаше и такви кои беа преполни. Граѓаните кои ги затекнавме во близина на своите домови велат дека сега редовно се собира сметот и се надеваат дека така ќе биде и во иднина.
„Претходно имаше доста ѓубре. Не се собираше. Ама сега е во ред. Гледам дека чистат и така и треба да продолжат“, ни изјави друг скопјанец.
„Добра е состојбата со сметот. Јас во Аеродром живеам и кај нас е чисто“, одговори негов сограѓанин.
Дел од вработените во ЈП „Комунална хигиена“ кои биле примени пред три месеци, а не доаѓале на работа, се отпуштени. Надлежните сметаат дека со оваа одлука ќе се заштедат средства, а нема да има штета врз работата, бидејќи тие и онака не ги извршувале своите обврски. Во изминатата недела биле поправени повеќе возила кои повторно се вклучени во собирање отпад низ улиците на Скопје.
Скопскиот градоначалник во предизборната кампања најави дека за 72 часа ќе го исчисти целиот град. Односно дека освен собирање на отпадот ќе се работи и на миење на плоштадот Македонија, улиците и кејот на Вардар.
Тамара Марковска
