Дваесеттина археолози од седум земји учествуваат на осмиот Меѓународен научен симпозиум што виекндов се одржува во Струмица. Присутни се истражувачи од соседните земји, како и од Словенија, а за првпат учествуваат и археолози од Турција и Кипар. Организаторите, Националната установа завод и музеј Струмица сметаат дека размената на знаења и искуства е исклучително важна.
“Прво создавање нови пријателства и нови контакти. Потоа научување нешто ново кое ни треба. Знаете, методологијата на нашето истражување не завршува со ископувањето. Потребни ни се информации, кои не сме секогаш во можност да ги видиме на лице место. Така една од идеите на овој симпоизум е да се фокусираме на темите кои се околу нас, кои културолошки ни се блиски и со кои на некој начин сме поврзани низ историјата, низ просторот и низ времето, делиме иста или слична материјална култура која е нијансирана од областа од којашто доаѓа. Значи тоа е пред се размена на мислења, искуства и знаења”, вели Ване Секулов, археолог
Струмичките археолози велат дека во некои земји како Турција, инвестициите во археологијата оделе и во насока на прибирање на истражувачи од светски универзитетски центри кои своето знаење го пренесуваат на домашните археолози, па од тој апсект ваквите научни собири се значајни за да се види секоја земја што ново прави на тоа поле.
“Мислам дека со знаење сме тука. Знаењето се учи и на факултет, но и лично. Познавајќи ги и своите колеги, сите ние постојано се едуцираме. Секоја новопрочитана статија за нас е новонаучена лекција. Секоја новост се трудиме да ја импелементираме во нашите истражувања и тие ни отвораат некои нови правци на размислување, кои во тој момент нам не ни се биле достапни да кажеме”, вели Ване Секулов, археолог.
Темата на годинешниот симпозиум е теракота и керамика. Овој научен симпозиум се одржува на две години, до организацијата на следниот ќе излезе и зборник на трудови со текстовите кои биле презентирани на годинешниот собир.
Сузана Мицева
