Извештајот на Европската комисија нотира проблеми кои што долго време сме ги дискутирале и сме ги апелирале како ризици и извештајот не е изненадување, изјави Благица Петрески од Фајнанс Тинк во вечерашната дебата во „Топ тема“ на Телма ТВ.
„Една од поголемите структурни забелешки кои ги дава извештајот се во делот фискалната консолидација, каде што забележуваме дека имаме одложена фискална консолидација и дава особено остар тон во делот на одложување во примената на законот за буџети, каде што едно од вкупните правила е почитување на буџетскиот дефицит и јавен долг. Во моментот, тоа усогласување се одложува дури до 2027 година“, истакна Петрески.
Уште минатата година, продолжи Петрески, „апелиравме дека буџетскиот дефицит кај нас е главно структурен проблем“.
„Од тука, ние не би можеле да очекуваме посериозна фискална консолидација доколку не направиме внатрешни структурни промени на начинот на кој што се трошат јавните средства или на начинот на кој што се прибираат. Едно од очекувањата во делот на приходите беше справување со неформалната економија и на таков начин прибирање на поголеми средства, меѓутоа Извештајот тука повторно нотира дека не се забележуваат структурни реформи кои што се во насока на прибирање на таков износ на средства“, рече Петрески.
Според неа, еден дел од проблемите што ги нотира Извештајот се во делот на инфлацијата, каде што упатува дека, иако монетарната политика е рестриктивна и генерално се справува со инфлација, сепак фискалната политика не е во иста линија со тоа.
„Дава особено критички осврт во делот на порастот на платите и на повисоко зголемување на платите над она усогласување, како и линеарното зголемување на пензиите кое што не е во линија со индексацијата“, вели Петрески.
С.Д.
