Самитот за иднината на Газа заврши со потпишувањето на документи од страна лидерите на повеќе од 20 земји од Европа и Блискиот Исток со што беше заокружена првата фаза од мировниот план на американскиот претседател. Уживајќи во ласкањето и честитките, Доналд Трамп ја комплетираше оваа мини победничка турнеја на регионот од кој благодарност за неговата улога во завршувањето на војната во Газа пристигнува од сите страни.
Заедно го постигнавме тоа што сите велеа дека е невозможно. Конечно, имаме мир на Блискиот Исток. Тоа е многу едноставна реченица, мир на Блискиот Исток. Ја слушавме многу години и никој не мислеше дека ќе стигнеме до тоа, и сега стигнавме, оцени американскиот претседател.
Дипломатските напори кои американската администрација ги вложи во завршувањето на војната во Газа, во голема мерка беа помогнати од врските кои ги изгради Трамп за време на првиот мандат од кој како најголемо негово дипломатско достигнување беа т.н Аврамови спогодби, односно договорите со кои се нормализираа односите меѓу Израел и повеќето арапски земји. Мирот во Газа, Трамп го гледа како последната алка за комплетирање на ова достигнување со нормализирање на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија.
Но денеска за прв пат имаме уникатна шанса да ги оставиме зад нас старите недоразбирања и омрази, и токму затоа многу од луѓето во оваа соба не се согласуваа, некои да, некои не, но сега сите се согласуваат. Ова ги обедини луѓето. Ова е прв пат блискоисточна криза да ги зближи луѓето наместо да ги раздели, Порача трамп.
Сепак, за одржлив и траен мир потребно е постигнување сеопфатен договор, а за таа цел клучен е продолжениот ангажман на американскиот претседател, согласни се сите регионални и светски лидери. Но, добро познато е дека Трамп брзо губи интерес при одолговлекувањето на било какви преговори кога тие ќе стигнат во фазата каде треба да бидат утврдени деталите, кои пак се клучни за секој добар договор.
Игор Трајков
