Инфлацијата забрзува, а освен предупредувања и најави дека ќе се донесат мерки, понуда за решение за сега нема. Ниту, последниот податок од 4,8 отсто инфлација во јули во однос на јули лани не повлече одлуки со кои би се влијаело на високите цени.
Наместо тоа, министерот Дурмиши ќе упати последно предупредување до трговците, дистрибутерите и производителите. Но, не кажа што ќе се преземе, ако опомената не се почитува.
-Крајната препорака, крајната опомена ќе биде денеска. Ако вака се однесуваат како што се однесуваат овие три месеци ќе не доведат во ситуација да донесеме една одлука која што ќе биде многу по строга, изјави министерот за економија Бесар Дурмиши
Сепак, тој смета дека цените на храната се стабилизирани, повикувајќи се на месечните податоци од статистика за инфлацијата на храната и безалкохолните пијалаци. Тврди, дека заедно со земјоделство работеле на тоа што е во нивна надлежност, а за сузбивање на инфлацијата ги повика НБРМ и Министерство за финансии.
-Народната банка и министерството за финансии треба да се борат со инфлацијата на долг рок. Во нашиот дел и министерство за земјоделие работиме на долгорочно решение, додава Дурмиши
Од синдикатите предупредуваат дека секој ден поминат без мерки е ризик за дополнителен раст на цените.
Сите мерки кои се покажаа претходниот период како успешни мислам дека треба да се повторат имајќи предвид дека тие им помагаат на граѓаните и работниците. Последната мерка тоа беше со ограничувањето на маржите до 10 проценти можат веднаш да ја пресликаат, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов
Од економскиот институт Фајнанс Тинк пак сметаат дека ако се носат мерки тие не треба да бидат од типот на замрзнување на цени, затоа што ефектот е краткорочен.
Од Владата пак веќе извесен период ги најавуваат. Последно се чекаше да се видат податоците за цените во јули. Според, статистиката за една година најголемо поскапување се забележува кај храната, но цените пораснале и кај транспортот, здравствените услуги, културата, рекреацијата.

Само за споредба, од бројките на Еуростат може да се види дека земјите од еврозоната имаат пониска годишна стапка на инфлацијата од онаа кај нас и во најголем дел од државите е околу 3 отсто. Со повисок процент се Естонија и Хрватска.
Ирена Чачкова
